Македонија
(Видео) Заев на средба со коалициските партнери: Продолжуваме со реформите и изнаоѓање решение на прашањето со Бугарија
Претседателот на Владата Зоран Заев имаше средба со претседателите и претставници на сите партии кои се дел од најголемата мултиетничка владина коалиција. На средбата тие разговарале за сите економски планови и проекти, реализација на мерките за заживување на економијата, како и за проектите кои следуваат за реализација во наредната 2021 година.
Заеднички е оценето дека Владата останува посветена на реформите во интерес на сите граѓани и реализирање на зацртаните цели во Програмата.
Силна поддршка владините партнери дале за продолжување на напорите за изнаоѓање решенија во однос на ветото од Република Бугарија и е заклучено дека земјава треба да продолжи по европскиот пат.
„ Остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет, ниту идентитетот на било кој народ или етничка заедница. Тука сметаме и на силната поддршка на нашите сојузници во ЕУ, особено Германија, како и САД кои се посветени нашата држава да продолжи по европскиот пат и почнување на преговорите со Унијата. Во оваа прилика уште еднаш сакам да потенцирам, бидејќи ова е една широка, мултиетничка коалиција, мене како премиер но пред сé како човек, многу ми значи поддршката од сите, од вашата поддршка но и поддршката буквално сите етнички заедници, претставени од партиите во оваа наша коалиција“, рече Заев.
Осврнувајќи се на состојбата со коронавирусот, сериозноста на ситуацијата со есенскиот бран, коалициските партнери ги потврдија и ги реафирмираа заложбите на Владата за брзо и ефикасно дејствување во санирање на економските и здравствените последици. Премиерот Заев ги сумираше активностите во овој период и најави дел од следните чекори на владата за заштита на здравјето на граѓаните и помош за економијата.
„ Го реализиравме заемот кај Светска банка кој обезбеди средства за изградба на 16 модуларни болници ковид-центри во 16 градови. Донесовме ребаланс на Буџетот за 2020 година со што обезбедивме средства за реализација на четвртиот пакет економски мерки во вредност од 470 милиони евра, пари кои завршуваат назад во економијата, назад кај граѓаните“, рече премиерот Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше за вакцината и потпишувањето на нашата земја во Ковакс групниот механизам, преку Светска здравствена организација за рамномерна распределба на вакцините во сите земји.
„ Обезбедивме 833 илјади дози за 400 илјади граѓани кои два пати ќе се вакцинираат во текот на месец март. Сите вакцини кои се дел од Ковакс системот се со докажани добри ефекти и соодветна количина на анти-тела“, подвлече министерот Филипче.
Сите коалициските партнери ја поддржаа определбата на Владата за продолжување на реформите и постигнување на европските стандарди дома, кои обезбедуваат унапредување на судскиот систем, раст и развој на економијата и повисок животен стандард.
Тоа е потврдено и со Буџетот предвиден за 2021 година кој обезбедува економско закрепнување, реализација на капиталните инвестиции, справување со коронавирусот, како и засилена динамика на спроведување на потребните реформи во секој сегмент во општеството во интерес на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

