Македонија
(Видео) Заев: Испорачавме членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ
„Денеска, 100 дена по изборот на Владата, гордо изговараме дека овие три месеци бевме тука за и со граѓаните, целосно посветени на грижа, одговорност и сигурност. Успешно справување со ковид-пандемијата, нова енергија и решителност за подинамичен економски раст и одржлив развој, ефикасна правна држава и силни инстиуции, модерно образование и внатрешна кохезија, активно членство во НАТО и силна волја за успешен почеток и завршување на преговорите за ЕУ, остануваат наши клучни приоритети“ – потенцираше премиерот Зоран Заев во отчетот за сработеното во изминатите 100 дена.
Според него, Владата останува на утврдениот стратешки колосек. „Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ. Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведуваме европските стандарди дома. За нас нема друг пат, нема друга алетрнатива и нема откажување. Продолжуваме како и во првите 100 дена, заедно со граѓаните, со грижа и одгов орност обезбедуваме сигурност“, додаде премиерот.
Тој смета дека во овој период главен предизвик е справувањето со Ковид-19 и тоа ги одбележа првите 100 дена од работењето на Владата. Поради тоа, за да се насочат сите ресурси кон заштита на граѓаните, се реорганизира раководењето со државата. Заев вели дека се комплетира системот на ефикасни и силни инстицуиции, а енергетиката, дигитализацијата и останатите модерни технологии се иднината на развојот. Тој најави дека законот за попис можеби уште денеска ќе биде даден на усвојување на пленарна собраниска седница.
„Граѓаните бараат попис, на државата тоа ѝ треба и ние ќе го обезбедиме. Пред 100 дена најавив и дека влегуваме во време на правда, ред и дицсплина, во неселективно вледеење на правото и еднаквост пред законите“, истакна Заев.
Според премиерот, веќе се аплицираше за набавка на вакцини преку ковакс-системот, се донесе четвртиот пакет економски мерки вреден 470 милиони кој заедно со претходните три сета од 550 милиони изнесува околу едена милијарда евра – средства насочени кон граѓаните и стопанството за стабилна одржливост на економијата и потенцијал за ревитализација. Владата се обврзува и на силна, бескомпромисна борба за здрава животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

