Македонија
Левица побара од Уставниот суд да ја укине функцијата на Артан Груби
Левица поднесе претставка до Уставен суд за оценување на уставноста и законитоста на подзаконски акт, односно Деловникот за работа на Владата, којшто владата го промени во месец септември. Имено, станува збор за новововедената функција – „прв заменик на претседателот на владата“, којашто всушност, како што велат од Левица, е неуставна категорија, поради тоа што истата е воведена со измени и дополнувања на Деловник на Владата.
Од партијата потенцираат дека уредувањето на органите на државната власт е иманентно уставна материја и оттаму не може да се воведуваат нови функции во извршната власт, ниту со закон, а не, пак, како во случајов со подзаконски акт.
„Со ваквите измени на Деловникот за работа на Владата, каде се предвидува нова ваква функција, Власта ги пречекорува уставните ограничувања на владата, како извршна власт и буквално со ваквото нејзино самоволие, таа врши еден вид централизација на целокупната власт во себе и покажува тенденција за доминација во сите сфери на општественото живеење, затоа што ова сериозно го нарушува принципот на тријалистичка поделба на власта, како темелна вредност на нашиот устав. Дури ни со Законот за Влада не е допуштено воведување нови државни функции, а не, пак, тоа да се прави со обичен деловник, кој патем Владата сама си го носи. Ваквото самоволие на власта мора да биде спречено од страна на Судот, поради опасноста од тенденцијата – Владата да ја узурпира и законодавната власт, како во овој случај каде што со деловник си уредува уставна материја“, велат од Левица.
Партијата бара да биде перманентно и навремено известувана за постапувањето во однос на оваа нивна иницијатива, како и за исходот од истата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 10 степени
Времето денес сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до повремено силен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
Македонија
СДСМ: Нема да нè замолчите, обидите за уривање на партијата одвнатре ќе бидат спречени
ВМРО активираше организирана и координирана операција за уривање на СДСМ одвнатре, тврди опозициската партија преку соопштение.
Целиот план, како што се додава, бил осмислен пред две недели, кога власта сфатила дека ја губи поддршката на граѓаните по сознанијата за мигранти за пари и по отворањето на криминално-корупциските афери на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Антикорупцискиот тим на СДСМ.
„Активностите на СДСМ ги принудија предвреме да го активираат овој план. ВМРО мислеше дека ќе нè ослабат и ќе нè замолчат, ама се излажаа. Првиот обид за дестабилизација беше целосно разоткриен и пропадна. Сега сме посилни.
Јован Деспотовски вчера не се ни обиде да ја демантира соработката со ВМРО, ниту пак координираните текстови со Героски туку објасни дека бил „умерен“ во предавството.
Сега на сите им е јасно кој внесуваше немир во нашите редови – ВМРО, и на сите им е јасно дека обидите за уривање на СДСМ ќе бидат спречени.
СДСМ секогаш била и сè уште е партија со дијалог во рамки на партијата, по тоа сме препознатливи, но нема да дозволиме сценарија на ВМРО за делење и уривање на СДСМ одвнатре.
Нема да нè замолчите. Нема да престанеме со објавувањето на криминалот и корупцијата.
Сите ќе одговарате!
Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
Родителите за загинатите деца во Пулс со порака: Пред Нова година и Божиќ кога сите се радуваат, ние живееме во болка
Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во емотивните говори на последниот Марш на ангелите оваа година порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.
-Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде — ни беше одземено – рече Васка Стојанова мајка на загинато момче пред зградата на Основниот суд во Кочани и Јавното обвинителство.
-Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв -оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат. Пред Нова година и Божиќ, кога светот се радува, кај нас празниците болат најмногу. Ние ги броиме празните столчиња. Палиме свеќи таму каде што требаше да светат елки. Кај нас нема честитки — има солзи. Нема желби — има прашања без одговор. И не тагуваме само за нашите деца. Тагуваме и за нашите внучиња, деца што останаа без родители – порача Стојанова.
На 35. Марш на ангелите со емотивна порака се обрати и Мита Тасева мајка на диџејот, кој таа вечер пуштал музика и работел во дискотеката „Пулс“. Розета Блажева сестра на загинато момче ја прочита песната „Нова година без ѕвона“ посветена на 63-те жртви. Семејствата на загинатите млади луѓе денеска маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи низ Трговскиот центар, Полициската станица и завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со Маршевите на ангелите продолжуваат наредната година по Божиќните празници.
За понеделник е закажано и ново судско рочиште за загинатите во дискотеката „Пулс“.

