Свет
Во САД конечна распределба на избирачките гласови, Хилари Клинтон со критики за ваквиот систем
Гласовите на избирачите (електори) од сојузните американски држави треба да ја заверат победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Преку овој процес денеска треба да минат сите 50 држави, со што би се ставило и крај на обидите на републиканецот Доналд Трамп да ги оспори резултатите од изборите одржани на 3 ноември.
Вермонт, малата американска сојузна држава на североистокот од земјата, денеска беше првата чии електори гласаа во формалната процедура преку која Избирачкиот колеџ ги потврдува резултатите од претседателските избори во САД, на кои победа извојува поранешниот американски потпретседател Бајден.
За Бајден, меѓу другите, веќе гласаа и електорите од државите Џорџија (која носи 16 избирачки гласа), Невада (6), Аризона (11), Пенсилванија (20), Висконсин (10) и Њујорк (29). Токму во таа држава два избирачки гласa дадоа поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка и негова сопруга, Хилари Клинтон, затоа што тие се наоѓаат меѓу 29-те електори со кои располага Њујорк.
Во салата одекнал аплауз кога било објавено дека сите 29 електори гласале за Бајден и сенаторката Камала Харис за потпретседателка, пренесува „Њујорк тајмс“.
Гувернерот на Њујорк, демократот Ендрjу М. Куомо, исто така беше еден од електорите и претседаваше со Избирачкиот колеџ.
По гласањето, Хилари Клинтон на „Твитер“ го објави својот став дека Избирачкиот колеџ треба да биде укинат и победникот на претседателските избори да биде прогласуван според бројот на собрани гласови од граѓаните.
На претседателските избори во 2016 година републиканецот Трамп ја победи Хилари врз основа на електорските гласови, иако таа вкупно доби повеќе гласови од граѓаните.
„Но, сè додека постои (тој систем) јас сум горда што го дадов својот глас во Њујорк за Џо Бајден и Камала Харис“, напиша Клинтон.
Инаку, електорите се партиски лојалисти што републиканците и демократите ги избрале два месеца пред изборите, а во секоја сојузна држава има онолку електори колку што електорски гласови носи таа.
Електорите по закон не се обврзани да гласаат според волјата на мнозинството од гласачите во нивната сојузна држава, но бројот на такви бунтовници секогаш е мал, а некои држави сега воведоа и казни за таквите претставници.
Досега бројот на ваквите пребегнати електори никогаш не влијаел на исходот на претседателските избори.
Според резултатите од изборите на 3 ноември, Бајден освои 306 избирачки гласови, а Трамп 232.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европскиот парламент усвои построги и побрзи правила за азил
Денес, Европскиот парламент усвои измени на регулативите на ЕУ за постапката за азил со цел да се овозможи побрза обработка на барањата за азил.
Амандманите, кои ја вклучуваат изменетата листа на безбедни земји од ЕУ, беа усвоени со 408 гласови „за“, 184 „против“ и 60 „воздржани“, а на истата седница европратениците одобрија и договор за регулативата за спроведување на концептот на безбедна трета земја, со 396 гласови „за“, 226 „против“ и 30 „воздржани“.
Новата листа на безбедни земји на ниво на потекло на ЕУ ќе овозможи брзо решавање на барањата за азил на граѓани на Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко, Тунис.
Според новите правила, поединечниот барател мора да покаже дека одредбата за безбедна земја не треба да се применува во неговиот случај поради основан страв од прогон или ризик од сериозна неправда ако се врати во својата земја.
Земјите кандидати за пристапување во ЕУ ќе се сметаат за безбедни земји на потекло, освен ако релевантните околности не укажуваат поинаку, што вклучува неселективно насилство во контекст на вооружен конфликт, стапка на признавање азил на нивните граѓани на ниво на ЕУ што е поголема од 20 проценти и економски санкции поради дејствија што влијаат врз основните права и слободи.
Комисијата ќе ја следи ситуацијата во земјите на листата и во земјите кандидати и ќе реагира доколку околностите се променат, се вели во соопштението на ЕП.
Известувачката Лена Дипонт од Германија оцени дека денешното гласање за концептот на безбедни трети земји обезбедува уште еден клучен елемент за функционален и кредибилен систем за азил.
„Со овозможување побрзо и поефикасно отфрлање на очигледно неосновани барања за азил во иднина, ги забрзуваме процедурите за азил, ги олеснуваме системите на земјите-членки и им помагаме на луѓето да не бидат во правна неизвесност со години“, рече таа.
Пред да стапат во сила, овие регулативи треба да бидат усвоени од Европскиот совет, пренесува Танјуг.
Свет
Макрон: Ова е повик за будење за Европа, мора да почнеме да се однесуваме како светска сила
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја повика Европа да се наметне на светската сцена, предупредувајќи дека континентот се соочува со „повик за будење“ поради растечките закани од Кина, Русија, па дури и од САД.
Пред самитот на ЕУ оваа недела во Брисел, Макрон изјави за неколку европски весници дека е време Европа да почне да се однесува како „светска сила“, објави Би-Би-Си.
„Европа денес се соочува со огромен предизвик, во свет кој е во хаос“, предупреди Макрон во интервју.
„Дали сме подготвени да станеме светска сила? Тоа е прашање што се однесува на економијата и финансиите, одбраната и безбедноста, како и на нашите демократски системи“, рече тој. „Во друга ера, би можеле да кажеме дека ова е моментот за полнолетство“.
Макрон го повтори својот повик за заедничко задолжување на ниво на ЕУ за да се соберат стотици милијарди евра потребни за индустриски инвестиции.
„Време е да се започне заедничко задолжување за финансирање на нашите идни трошоци – еврообврзници за иднината. Ни требаат големи европски програми за финансирање на најдобрите проекти“, рече тој.
фото/Depositphotos
Свет
Калас: Ќе предложиме услови што Русија мора да ги исполни
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека ЕУ ќе предложи список на отстапки што Европа треба да ги побара од Русија како дел од решението за прекин на војната во Украина.
„Сите на масата, вклучувајќи ги Русите и Американците, мора да разберат дека Европејците се потребни за да се постигне мировен договор“, изјави Калас пред група новинари на новински агенции во Брисел, според Ројтерс.
Според неа, ЕУ има услови за тоа.
„И овие услови не треба да им се наметнуваат на Украинците, кои веќе се под голем притисок, туку на Русите“, истакна таа.

