Македонија
Почина пензионираниот генерал Бранко Дракалски
Генералштабот на Армијата со жалење и сочувство кон фамилијата ја известува јавноста дека бригадниот генерал во пензија, Бранко Дракалски, по кратко боледување, на 60-годишна возраст ја загуби битката со коронавирусот.
Во текот на неговата воена кариера до пензионирањето во 2015 година бригадниот генерал Бранко Дракалски има извршувано повеќе високи воени должности, а во период од 2009 до 2014 година беше и највисок воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел. Претходно, има извршувано голем број командантски должности, меѓу кои и командант на Втората механизирана пешадиска бригада.
Военото образование го почнува во воената гимназија во Белград, а подоцна завршува Воена академија на Копнената војска во 1983 година. Командно-штабна академија завршил на Воената академија во Скопје во 1996 година, а завршил и школа за национална одбрана во Алабама (САД), на тамошниот Универзитет за национална одбрана во 2005 година. Во чин бригаден генерал е унапреден во 2009 година.
Во текот на својата кариера како потврда за неговата професионалност во службата добивал повеќе признанија, пофалби и други стимулативни мерки. Меѓу другото, одликуван е со Медал за воени заслуги.Автор е на неколку стручно-специјалистички трудови, меѓу кои и трудови објавени на англиски јазик. Во пензионерските години генералот Бранко Дракалски остана активен придонесувач во полето на одбраната.
Бригадниот генерал Бранко Дракалски е погребан денеска во согласност со процедурите за спречување ширење на Ковид-19 во неговото живеалиште во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.
Македонија
(Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти
Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.
Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.


„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.


„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.

