Македонија
Гости во скопски локал со исклучени светла се криеле од инспекторите, во Чаир газда сам ја тргнал пломбата на објектот
Инспекциите во Скопје вчера затвориле четири објекти – три локали кои работеле по 21 часот, а интервенирано е и во јога-студио каде што казната не е за пречекорување на работното време, туку за групирање повеќе луѓе на едно место.
Како што денеска соопшти, Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат, трите угосителски објекти биле фатени дека работат во 23, 23.30 и 24 часот, а кај еден имало и кинење на претхофно поставената пломба пред да истече законскиот рок.
„Станува збор за објект во Чаир, кој повторно е затворен, направен е записник и поднесена е кривична пријава за кинење службен печат од институција“, рече Пауновски.
Според директорот на пазарата инспекција, голем број угостителски објекти низ цела земја не ги почитуваат мерките и работат после дозволеното време.
Тој раскажува дека има ситуации каде објектите се заклучуваат, се гаси светлото и гостите седат во мрак, а притоа се служат пијалоци и храна.
Таков случај имало синоќа со кафулето „Три кичен бар“ каде гости имало околу 22.30 часот. Слично сценарио се случувало и со „Станица 26“ локал во непоследна близина и речиси поврзан со „Три кичен“. Гости по 23 часот вчера имало и во кафулето „Мош“.
За локалот „Мош“, кој и претходно беше казнуван поради прекршување на мерките за време на свирките на српскиот пејач, Владо Георгиев, Пауновски најави нови санкции.
„Истиот субјект е казнет и по претходниот закон кога поднесувавме кривични пријави и тогаш беше затворен, сега пак ќе биде казнет и по новиот закон. Во рок од три дена доставуваме казни преку платни налози, а објектот ќе биде затворен од 10 до 30 дена“, рече тој.
Пауновски вели дека проблеми имаат и со асистенцијата од некои полициски екипи кои во одделни случаи ги штитат сопствениците на локалите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

