Македонија
Заев за реакцијата на Чешка и Словачка: Драго ми е што сѐ уште има европско во ЕУ

Ние политичарите треба да знаеме што правиме со историјата што ја пишуваме денеска за да им оставиме на идните генерации аманет на пријателство и заедништво, а не делби. Ова го истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за последниот развој на настаните во врска со блокирањето на процесот на проширување на ЕУ.
„Наша задача е да одиме напред. Да чекориме напред и јас верувам дека најбргу што може ќе се создадат услови. Ние не се откажуваме“, рече Заев додавајќи дека на проблемот со блокадата ќе се работи интензивно по празниците.
Во однос на реакциите на Словачка и Чешка, Заев рече дека му е драго што сѐ уште има европско во Европската Унија. Најмалку што смее да направи ЕУ, вели Заев, е да ги изгуби европските вредности и принципи.
„Се надевам дека тој дух ЕУ ќе продолжи да го испраќа кон нас земјите кандидати за членство затоа што ние немаме друга алтернатива. Како што сум кажал и порано, се надевам дека ЕУ нема да го изгасне светлото во мракот за да не бидеме изгубени. Таа водилка е нашата мотивација и за реформите и за да бидеме подобри граѓани, за да си ја европеизираме државата, да го средиме правосудниот систем, да имаме сила и енергија да градиме за нашите деца, за идните генерации, да го осовремениме здравството, да ја подобриме уште повеќе инфраструктурата“, додаде Заев.
Благодарение на Чешка и Словачка, Советот на ЕУ не ги усвои заклучоците за проширувањето.
Двете земји оценија дека текстот на заклучокот оди предалеку во мешањето на билатералните спорови, откако германското претседателство прифати вметнување на пасус кој гласи дека Договорите со Грција и Бугарија треба да им стават крај на барањата поврзани со „погрешно толкување на историјата“.
Чешка и Словачка сметаат дека ЕУ не треба да суди како да се идентификува една земја, ниту кој јазик да го говори и предупредија дека ваквата реченица претставува опасен преседан за процесот на проширување во иднина.
Оваа тема ќе биде препуштена на Португалија, која во новата година го презема претседавањето со Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Центар и Карпош

Без струја денеска ќе останат делови од Центар и Карпош, извести Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје.
Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 26.08.2025 година (вторник), без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците на бул. Партизански Одреди бр. 15, односно стамбените објекти околу објектот – Луна Бизнис Центар. (Општина Центар )
· од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул. Козле крак -22. (Општина Карпош)
Македонија
Патот Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за сообраќај

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини поради летните одмори е зголемен меѓутоа на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.