Македонија
Дефект на трафостаница на ЕВН, голем дел од Скопје во темница

Половина Скопје вечерва потона во мрак. Жители од различни делови на градот јавуваат дека снемале струја неколку минути пред 18 часот. Нема струја во делови од Центар, Карпош, Тафталиџе и Нерези.
ЕВН утврдило дефект на 110 киловолтна станица од која со струја се напојуваат неколку населби, но најавуваат дека за кусо време ќе биде пуштена струја кај сите кај кои има прекин.
„Веднаш по прекинот наши екипи излегоа на терен и открија дека има чад во 110 киловолтна станица од која со струја се снабдуваат Сарај, Кондово, делови од Влае, делови од Карпош, Тафталиџе во горната зона и делови од Центар. Во моментов се прави итно премостување за напојување на корисниците кај кои има прекин од други места. Струја ќе добијат сите, без разлика што има дефект во трафостаницата“, велат од ЕВН за „Макфакс“.
Вклучувањето на струјата нема да биде едновремено кај сите корисници оти се прави од различни точки, на што веќе работи и диспечерскиот центар и екипи на терен.
Трафостаницата во која има чад ќе остане исклучена, се додека не се открие причината за дефектот.
Од ЕВН велат дека посебно во Сарај и Кондово, кои се снабдуваат со струја од оваа трафостаница, многу често има прекумерна потрошувачка на струја, но причините за овој дефект допрва ќе ги утврдуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.
Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.