Свет
Хакирани телефоните на десетици новинари на „Ал џезира“

Личните телефони на речиси 36 новинари на „Ал џезира“ биле хакирани од владини оперативци кои користеле контроверзна алатка за шпионирање од озлогласената израелска група НСО за нивно шпионирање, тврди извештајот на една канадска истражувачка лабораторија. Извештајот, објавен во неделата од „Ситизен лаб“, истражувачка единица на Универзитетот во Торонто, специјализирана за компјутерска безбедност, тврди дека телефоните што им припаѓале на вработените во медиумската мрежа со седиште во Катар, вклучително и новинари, продуценти, водители и директори, биле компромитирани и хакирани во јули и август годинава.
Нападот им овозможил на сторителите да ги заразат телефоните со шпионски софтвер без новинарите сами да мораат да стиснат на малициозни врски за што „Ситизен лаб“ смета дека се одговорни владини оперативци од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Во својот извештај „Ситизен лаб“ вели дека тајните техники употребени во нападот биле софистицирани и затоа биле тешко откриени бидејќи хакираните често не биле свесни дека се случува нешто сомнително.
Хакирањето можеби и овој пат ќе останело неоткриено да не бил репортерот на мрежата на арапски јазик, Тамер Алмишал, кој алармирал дека неговиот телефон е шпиониран и им дозволил на истражувачите да го следат неговиот сообраќај преку интернет почнувајќи од јануари 2020 година. Неколку месеци подоцна, во јули, истражувачите го забележале неговиот личен телефон како посетува веб-страница, каде што се заразил со шпионскиот софтвер „Пегасус“ на НСО, без Алмишал да стисне на линкот.
NEW REPORT "The Great iPwn: Journalists Hacked with Suspected NSO Group iMessage "Zero-Click Exploit" by @citizenlab @billmarczak @jsrailton @nouraaljizawi @sienaanstis @RonDeibert: https://t.co/Z8FVRaePHB
— Citizen Lab (@citizenlab) December 20, 2020
Откритието поттикнало масовно пребарување за можни други жртви меѓу вработените во „Ал џезира“, а на крајот „Ситизен лаб“ и информатичката единица на каналот идентификувале вкупно 36 лични телефони кои биле цел на четворицата оператори на групата НСО. Еден од нив, кој групата го нарекла „Монархија“, наводно прислушувал 18 телефони, а друг – наречен „Подмолен сокол“ – шпионирал 15 телефони.
Групата верува дека „Монархија“ дејствувал по наредба од Ријад бидејќи се чини дека се таргетирани лица, пред сè, во Саудиска Арабија, а „Подмолен сокол“ се фокусирал на оние новинари што првенствено биле во ОАЕ. Истражувачите рекоа дека безбедносната дупка што го олеснила пробивањето била затворена со ажурирањето на IOS 14 објавено во септември, но истакнаа дека дотогаш, најверојатно, била искористена во големи размери.
Израелската група НСО изјави за „Гардијан“ дека ќе ги преземе сите неопходни чекори ако добие веродостојни докази дека се злоупотребени нејзините шпионски алатки. Не е првпат производителот на шпионската програма „Пегасус“ да се најде во центарот на вниманието во врска со обвинувањата дека неговата технологија била користена против новинарите. „Амнести интернешнл“ во јуни годинава објави дека наградуваниот новинар од Мароко, Омар Ради, бил жртва на истиот шпионски софтвер во напад неверојатно сличен на оној опишан од „Ситизен лаб“.
Минатата година „Вацап“ потврди дека десетици индиски адвокати, новинари и активисти за човекови права биле меѓу 1.400 корисници нападнати од шпионскиот софтвер. И покрај постојаната полемика за НСО, израелски суд во јули застана на страната на фирмата и на израелското Министерство за одбрана во случајот поведен од „Амнести интернешнл“, кој побара забрана за меѓународна продажба на софтверот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.