Свет
По 30 години, во Австралија осуден сериски убиец на жени
Австралиецот познат како атентаторот на Клермонт е осуден на 40 години затвор за убиство на две млади девојки. Со ова заврши еден од најпознатите студени случаи во оваа земја, пишува Си-ен-ен.
Три девојки исчезнаа во една ноќ, телото на едната девојка никогаш не беше пронајдено.
Џејн Ример, Сијара Гленон и Сара Спирс исчезнаа во 90-тите години додека биле излезени навечер. 25 години истражителите не го решија случајот. Но, во септември оваа година, по седуммесечно судење, 52-годишниот Бредли Роберт Едвардс беше осуден за убиство на Ример во 1997 година, која била вработена во градинка, и на адвокатката Гленон (27). Тој не беше осуден за убиството на секретарката Спирс (18), чие тело никогаш не е пронајдено, бидејќи немало доволно докази.
Тој денес беше осуден во Врховниот суд во Австралија на 40 години затвор. Донесувајќи ја пресудата, судијата Стивен Хол му рече на Едвардс дека тој е опасен предатор кој бара ранливи млади жени.
„Вашите постапки беа наменети, извршени со немилосрдна решеност и без каење за болката и страдањата што ги предизвикавте“, рече Хол.
Меѓу граѓаните на Перт исчезнувањето на овие жени предизвикало голем страв. Случајот беше повторно отворен во 2016 година.
Телата на Ример и Гленон беа пронајдени во грмушки неколку недели по исчезнувањето. Двете починале од повреди добиени на вратот од остар предмет.
Спирс, пак, последен пат била видена во раните утрински часови на 27 јануари 1996 година. Нејзиното тело никогаш не е пронајдено, но како што беше речено за време на судењето, нема индикации дека сè уште може да биде жива.
Случајот со трите жени не е решен со децении, но потоа во 2016 година полицијата дошла до нови сознанија. Таа година Едвардс бил уапсен за две силувања, а неговата ДНК била поврзана со убиствата во Клермонт. Исто така, влакната пронајдени на телата на Ример и Гленон се совпаѓаат со оние земени од автомобилот на Едвардс, што укажува на тоа дека биле киднапирани од тоа возило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за одбрана и буџет
Земјите од ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за покривање на финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Брисел има намера да ја изврши првата рата на почетокот на април за да обезбеди континуитет на странската помош за Киев, објави Euronews.
Амбасадорите на земјите-членки се согласија за правните текстови денеска попладне, откако Кипар, кој претседава со Советот, презентираше нова верзија на предлогот.
„Денешната спогодба покажува дека ЕУ продолжува решително да дејствува во поддршка на Украина и нејзиниот народ. Новото финансирање на помошта ќе обезбеди силна отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос.
Во исто време, додаде тој, испраќаме силна порака дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право.
Заемот од 90 милијарди евра, кој беше политички договорен на самитот во Брисел, ќе биде финансиран со издавање заеднички долг, а буџетот на ЕУ ќе дејствува како гаранција за инвеститорите. Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камати.
Европската комисија проценува дека преостанатите 24 земји-членки ќе мора да платат помеѓу 2 и 3 милијарди евра секоја година за покривање на поврзаните трошоци.
90-те милијарди евра ќе бидат поделени на два главни дела: 30 милијарди евра за буџетска поддршка и 60 милијарди евра за воена помош за купување оружје и муниција. Овој сооднос би можел да се промени ако заврши војната.
Парите ќе бидат исплатени постепено и ќе бидат предмет на строги услови. На пример, сите неуспеси во борбата против корупцијата во Украина би можеле да предизвикаат суспензија на помошта.
Од Украина ќе биде побарано да ги врати 90-те милијарди евра само под услов Русија да ја заврши војната и да се согласи да му ја надомести штетата на Киев. Со оглед на тоа што Москва експлицитно ја исклучи можноста за плаќање репарации, се очекува Брисел да ја одложи отплатата на долгот на неодредено време.
фото/Depositphotos
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.

