Македонија
Борисов до Заев: Секогаш сме подготвени да им помогнеме на најблиските соседи и пријатели

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, му возврати на премиерот Зоран Заев, кој вчера на „Фејсбук“ се заблагодари за најавената донација на вакцини против Ковид-19 повторувајќи дека тие секогаш се тука да им помогнат на соседите и пријателите.
Винаги сме готови да помогнем на нашите най-близки съседи и приятели. Това казах на премиера Zoran Zaev, който ни…
Posted by Boyko Borissov on Tuesday, December 22, 2020
„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели. Ова му го кажав на премиерот Зоран Заев, кој ни се заблагодари за подготвеноста да им помогнеме во обезбедувањето вакцина против Ковид-19. Ситуацијата е навистина тешка и треба да се поддржуваме и да сме солидарни едни кон други. Секој живот е важен и ќе вложиме максимални напори да го зачуваме“, напиша Борисов на „Фејсбук“.
Притоа тој ја сподели објавата на Заев, во која ѝ се заблагодарува на Бугарија.
Бугарската влада на седница, на која присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче, одлучи дел од секоја пратка на вакцините што ги купила од производителите да го донира за Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ викендов организира Саем за отчет на градоначалниците

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, најави дека на 23 и 24 август во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе се одржи Саем – Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, на кој градоначалниците од оваа партија ќе го презентираат сработеното во изминатиот мандат.
Настанот ќе почне во сабота во 11 часот со обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во текот на двата дена ќе се одржат повеќе панел-дискусии на кои градоначалниците, поделени по региони, ќе ги претстават реализираните проекти.
Секоја општина ќе има и свој штанд на кој граѓаните и новинарите ќе можат директно да се запознаат со постигнувањата на локалната власт.
Во недела програмата ќе продолжи од 10 часот, со панели посветени на темите: „4 години развој и прогрес“, „инфраструктурни инвестиции“, „вклученост на граѓаните во носењето одлуки“ и „меѓународна соработка“.
„Разликата меѓу општините во 2021 и денес е огромна и мерлива. Ветените и реализирани проекти ја покажуваат посветеноста и одговорноста на нашите градоначалници,“ изјави Сајкоски, додавајќи дека со овој отчет ВМРО-ДПМНЕ ја покажува отчетноста и транспарентноста кон граѓаните.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Каде испари Венко Филипче

Има ли Социјалдемократскиот сојуз лидер на партијата или на непочнати избори „кормиларот“ го напушти бродот кој тоне? Каде испари Венко Филипче, се крие ли од македонската јавност или сфатил дека се наоѓа пред дебакл и нема што да понуди?, прашува ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Филипче јавноста не го видела цели 20 дена, последен пат во земјава е виден на 2 август за прославата за Илинден во Крушево, а ни претходно нешто не се појавуваше.
Додуша, за волја на вистината, во меѓувреме се појавија фото и видеоснимки како ужива луксузно пловење низ Грција на скапа јахта со неговиот ментор, Зоран Заев за која ни Филипче ни неговата партија, ако е негова, не одговорија со чии пари е купена.
Претходно кога го снема исто Филипче повторно беше со Заев, ама тогаш на друго луксузно патување во Дубаи, од каде што си набавија златни визи, за кои, исто така, не добивме конкретен одговор како се набавени.
Изгледа луксузните забави и бизниси со Зоран Заев на Филипче му се поинтересни и приоритетни, наспроти водењето на партијата.
Или, пак, можеби Филипче уште сега се спрема за дебаклот и големиот пораз кој го чека на локалните избори, па тренира бегање од јавноста?“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Стоматолошката комора: Конечно ќе се разгледаат и нашите докази

Стоматолошката комора на Македонија соопшти дека со одобрување ја примила информацијата оти министерот ги доставил до Обвинителството сите наводни докази за неправилности во работењето на Комората.
„Конечно ќе имаме можност и нашите докази да стигнат пред непристрасна институција и таму да се потврдат нашите тврдења за исправноста во работењето на Комората“, наведуваат од Стоматолошката комора.
Од таму потсетуваат дека дел од доказите веќе се доставени до Јавното обвинителство како пропратен материјал на кривичната пријава која Комората претходно ја поднела против Комисијата за надзор, врз основа на чиј извештај министерот постапил.
Претходно денес, Министерството за здравство соопшти дека целокупната документација и наодите од извештаите на комисиите што вршеле надзор над работата на Стоматолошката комора се доставени до Јавното обвинителство за натамошно разгледување и постапување во согласност со законските надлежности.
До Обвинителството се испратени три извештаи за работата на комисијата за надзор над законитоста при вршење на јавното овластување на Комората, изготвени на 25 февруари, 15 мај и на 21 мај годинава. Дополнително, доставено е и известување од 11 март 2025 година до Стоматолошката комора, како и документација од Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Документацијата, натаму, ќе биде распоредена кај јавен обвинител кој ќе го разгледа предметот и ќе го достави на надлежно постапување на соодветно јавно обвинителство.