Култура
Онлајн-театар на сенки во рамките на фестивалот „Сонот на облачето“
Театарската трупа „Сенки и облаци“ ќе го одржи осмото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, овој пат во онлајн-формат.
Програмата ќе се одвива онлајн, преку „Фејсбук“, на 24, 25 и 26 декември.

„Сонот на облачето“ е единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, кој веќе осма година, сега и во услови на пандемија, придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки.
Фестивалот е една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика, а оваа година нема да биде исклучок.
Покрај организаторите од трупата „Сенки и облаци“, во богатата програма со изведби, работилници и дебата ќе им се придружат и колегите Hayali Balaban, Moscow Shadow Play Theatre, Shadow & Puppet Theater – Ginat, Mottili Theatre, Alaluz Shadow Puppet Theater, Fictionville Studio, Luz, micro y punto и Unterwasser.

Заинтересираните ќе може да ги следат содржините онлајн на фејсбук-страницата на „Сонот на облачето“ за да добиваат навремени известувања од организаторите.
Театарџиите ќе дискутираат во онлајн-дебатата со наслов „Сенки во време на пандемија“, а најмалите ќе уживаат во изведбите на домаќините и гостите, како и во забавната работилница со наслов „Сенки без маски“, закажана за последниот фестивалски ден, в сабота.
Театарoт „Сенки и облаци“ постои од 2005 година и играта со сенки и светла е единствениот театарски израз што тие го негуваат. Во својот репертоар имаат сосема поинакви претстави кои тематски видливо се разликуваат една од друга, но нишката што ги поврзува се уникатната естетика и едноставниот, на моменти наивен израз, кој му дава посебен шарм на пренесувањето на приказните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Никола Бочваров квартет во КИЦ-Скопје
Целвечерен концерт на “ Никола Бочваров квартет “ ќе се одржи на 28 октомври во Културно Информативен Центар – Скопје, Салон 19:19. Никола Бочваров квартет е еден од најиновативните состави во регионот, составен од искусни музичари кои креираат оригинална музика инспирирана од различни стилови и култури.
Членови на квартетот се : Никола Бочваров – бас , Иван Петровски – гитара , Филип Димишковски – клавијатури и Александар Ванчовски – тапани.
Активен од 2020 година, квартетот бележи настапи на повеќето значајни фестивали во регионов : “ Нишвил џез фестивал “, “ It’s all about jazz “, “ Прилеп џез викенд “, настапот на доделување орден за заслуги на Македонија , како и многу самостојни концерти. На престојниот концерт во Културно Информативен Центар – Скопје, репертоарот ќе опфати како постари, така и нови композиции од вториот албум на квартетот, се уште официјално неиздаден, најави организаторот.
Култура
Македонската филхармонија гостува на престижната сцена на „Музикферајн“ во Виена
Оркестарот на Македонската филхармонија во вторник (28 октомври) ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот. Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
На концертот во Виена, како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фоклор и европската класика.

„Музикферајн“ во Виена е една од најзначајните концертни сали во светот. Лоцирана во срцето на Виена, таа е дом на Виенската филхармонија, место на кое секоја година се одржува и традиционалниот Новогодишен концерт на 1 јануари. Концертната сала датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти (Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…), но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.
Култура
Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотеката
На 27 октомври (понеделник), сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавноста го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство. Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на овој значаен ден.
Во таа насока, на 27 октомври (понеделник) со почеток во 12 ч. во кинотечното кино ќе се одржи блу – реј промоција на филмот МИС СТОН на Живорад Жика Митровиќ од 1958 г., а до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма, ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Од понеделник до петок, односно од 27 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе бидат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2025 година. Пред сè тука се филмовите: ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЕ, ВОЛЧЈА НОЌ, ОЛОВНА БРИГАДА, КОНТАКТ, АНГЕЛИ НА ОТПАД, ЈАД и ВРЕМЕ, ВОДИ.
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.

