Економија
Трифун Костовски објави граѓанска непослушност

По повод одлуката на Основниот кривичен суд за замрзнување на имотот на Трифун Костовски и отфрлање на неговата жалба во случајот со „Еуростандард“ како недозволена, бизнисменот се огласи со писмо во кое објавува граѓанска непослушност.
Судот пред еден месец му ги замрзна целиот имот и личните сметки на Костовски, на барање на Јавното обвинителство, кое спроведува предистражна постапка околу пропаѓањето на банката, во која бизнисменот беше еден од сопствениците.
„Се работи за повеќе од 100 милиони евра – маса во која се наоѓаат парите на коминтентите на Еуростандард банка и парите кои ние како акционери ги инвестиравме во банката“, изјави Костовски на крајот на ноември, по првичната одлука на судот, која бизнисменот неуспешно ја обжали.
Блокадата е на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а судот ги замрзна сите хартии од вредност, сметки и недвижен имот на име на Костовски и на членови на неговото најтесно семејство.
Во продолжение, ова е целосното обраќање на Костовски:
„Почитувани мои сограѓани. Од денес ја објавувам мојата граѓанска непослушност кон сите институции во Република Македонија, бидејќи постапките кои системот ги прави против мене и моето семејство ги надминуваат сите граници.
Можеби сум и единствениот Македонец кој сите спечалени пари надвор во белиот свет сум ги донел во земјава и, за жал, изгубил од луѓе кои се занимаваат со матни зделки, а се блиски до политичките структури.
На мојата жалба до Основниот кривичен суд Скопје, по основ на замрзнување на мојот приватен имот, добив решение во коешто со големи букви е напишано ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНА. Што е дозволено во нашава држава? Јас, кој сиот имот го имам стекнато со пари спечалени вон Македонија, денеска истиот ми е замрзнат, и судот ми велат дека МОЈАТА ЖАЛБА Е НЕДОЗВОЛЕНА, а додека политичари коишто недвосмислено во изминатите години говореа дека стекнале богатство колку еден успешен бизнисмен, … ама внимвајте од политиката!! таквите луѓе се високо почитувани во нашето денешно секојдневие.
Стојам исправено и гордо и отворено им порачувам на сите институции дека можете да ми земете сè, ама не можете да ми го земете достоинството и мојот непокор. Ако мислите да ме влечкате по судските лавиринти, по основ на моето неприкосновено право, јас потврдувам дека тоа нема да го дозволам со мојата граѓанска непослушност. Судството кое е контролирано од извршната власт е само продолжена рака на организираниот криминал. Во последната колумна пишував за голготата на нас Македонците. Зарем не е срамно својата лична голгота да ја доживеам во својата веќе слободна Македонија, креирана од моите Македонци. ЖАЛНО“, пишува бизнисменот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Ред во изградбата на нови енергетски капацитети, за прв пат годишен план, ќе се гради она што е приоритет за државата и граѓаните

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како што е соопштено, започнува практичната примена на Законот за енергетика и воведување на транспарентен, јасен и предвидлив процес на планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Македонија. За прв пат ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи, како и насоките за развој на нови енергетски објекти во кои државата ќе се јави како инвеститор со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.
На интернет-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се објавени сите потребни документи за доставување иницијативи за развој на енергетски проекти, со што започнува практичната примена на Законот за енергетика и се воспоставува транспарентен, јасен и предвидлив процес за планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Северна Македонија, велат од министерството.
Овој процес е од особена важност за државата затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.
„Со овој транспарентен процес, секој потенцијален инвеститор ќе има јасна слика за потребите и приоритетите на нашата држава. Секоја иницијатива ќе биде детално технички обработена, со јасно дефинирани можности за приклучок и потребните зајакнувања на мрежата. Нашата цел е енергетскиот систем да се развива одржливо и да обезбедува стабилно снабдување за сите граѓани“, истакна министерката Сања Божиновска.
„На интернет-страницата на Министерството е објавено детално објаснување што се е потребно за поднесување на инцијатива. https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/dokumenti-file-wrMD.docx
На сајтот на министерството се достапни и сите технички и административни документи, поделени според видот на капацитетите, а со цел олеснување на процесот за потенцијалните инвеститори, обезбедување навремена подготовка за апликација и можност сите заинтересирани да ги планираат своите инвестиции врз основа на јасна слика за приоритетите на државата.
Што значи ова за инвеститорите?
• Проектите уште во рана фаза ќе бидат детално технички обработени,
• ќе се дефинираат потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа,
• за секоја иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, јасно и транспарентно ќе се презентираат потребните зајакнувања и надградби на соодветните енергетски системи како и роковите за реализација,
• ќе се елиминираат несигурностите околу приклучувањето на проектите кон мрежата,
• ќе се обезбеди правна сигурност за инвеститорите и предуслови за финансиска поддршка од институциите.
Секој инвеститор – приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие – има можност да достави иницијатива. Секоја иницијатива ќе биде анализирана според:
• видот на технологија за производство на електрична енергија,
• техничките и технолошките карактеристики на опремата,
• инсталираната моќност и балансниот капацитет,
• регионот на реализација, како и можностите за приклучок кон енергетските системи.
Рок за доставување на иницијативи за 2026 година е 30 септември 2025.
По завршување на рокот ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем“, соопштија од министерството.
Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.