Македонија
Царовска: Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за 2018-2025 година, како и од Законот за основно образование

Министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување на А1он, рече дека концепцијата се носи низ широка дебата и треба да се дискутира за неа, но дека мора да одиме напред, бидејќи тоа е дел од владината програма.
„И да не заборавиме, оваа концепција е дел од Стратегијата за реформи во образование 2018-2025, дел од Законот за основно образование донесен пред околу една година. Следната фаза е концепција и понатаму пишувањето на наставните програми. Ние во континуитет како Влада, и претходна и сега, сме насочени кон реформирање на образованието. Сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација“, рече Царовска.
Министерката истакна дека сите стратешки документи се веќе донесени и во претходната владина програма и во оваа владина програма стои дека рационализација или интегрирање на предметите, зголемување на периодот на присуство во училиште како безбедно место и вон наставни активности и наставни часови и предмети.
„Сето ова се прави со цел да можеме да го постигнеме, да го извлечеме максималниот потенцијал од секој ученик, а со тоа понатаму и да го употребиме тој максимален потенцијал во општеството“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара да се продолжи притворот на осомничените за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани побара од Судот да се продолжи притворот за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, а во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 100 се повредени. За тројца од осомничените, Обвинителството бара мерката притвор да се замени со куќен притвор.
„Во текот на денешниот ден до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека. Само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
Македонија
Во недела посебен сообраќаен режим во Скопје

СВР Скопје известува дека 13.04.2025 (недела) со почеток во 10.00 часот, поради одржување на улична трка, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Трасата на движење ќе започне од бул.„Илинден“ пред фонтана Лотус (старт и цел) право долж бул.„Илинден“ до крстосница со бул.„8-ми Септември“ каде се врти полукружно назад по бул.„Илинден“ до целта фонтана Лотус, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Герасимовски: Преку едукативни и практични активности ја зголемуваме свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот

Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот.
Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата.
„Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“.
„Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.