Регион
Србија во вторник ќе одлучува за новогодишните мерки
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ најави дека во вторник ќе се одржи седница на Кризниот штаб на која ќе биде донесена одлука за мерките за Нова година.
Брнабиќ рече дека комуникацијата меѓу претставниците на владата и експертите во Кризниот штаб е одлична, иако понекогаш има несогласувања.
„Медицинскиот дел се грижи за заштита на здравствениот систем и здравјето на граѓаните, а јас како премиер и другиот економски дел од Кризниот штаб треба да разгледаме некои други работи, како овие мерки влијаат на економијата. Оваа борба е енормно скапа, ни одзема дури и над милион евра секој ден. Само тестирањето носи околу 700-720.000 евра на ден, кога имате 20.000 тестови“, рече Брнабиќ.
Сериозна борба е да се помирите со тие две работи и мора да се грижите за менталната состојба на нацијата, рече таа.
Медицинскиот дел од Кризниот штаб не беше за ублажување на мерките викендов, но беше пронајден добар компромис. Бројот на новозаразени опаѓа, а економијата работи, рече таа.
„Зошто ги одложуваме мерките што ќе бидат донесени за Нова година? Па, затоа што се обидуваме да ги донесеме сите мерки на време. Постои тенка линија помеѓу тоа како го заштитувате здравјето на граѓаните и колку и давате на економијата да работи. Треба да ја пронајдете најдобрата можна рамнотежа, така што економијата продолжува без здравствената заштита да биде толку преоптоварена, да не можеме да примаме луѓе во болници. Тоа е исклучително тешко“, вели премиерката Брнабиќ, пренесува „Танјуг“.
„Ако донесете премногу ограничувачка одлука прерано, тоа ќе даде добри здравствени резултати, но ќе ја убиете економијата и ќе ви требаат пет, шест или седум години да се опоравите“, рече Брнабиќ и посочи дека се земени предвид прашањето за јавниот долг и буџетскиот дефицит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

