Свет
Трамп под притисок на Конгресот го потпиша пакетот економска помош од 900 милијарди долари
Под притисок на пратениците во Конгресот, американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа го потпиша пакетот помош за економијата од 900 милијарди долари, по повеќедневен отпор, што беше прифатен од Конгресот во понеделникот.
Трамп го потпиша и предлогот на државниот буџет, благодарение на што се избегна блокадата на јавните услуги.
„Го потпишувам овој закон за повторно започнување на бенефициите за невработеност, запирање на иселувањето, обезбедување помош на станарите, обезбедување дополнително финансирање програми за заеми за претприемачи, дозволување на вработените во авиокомпаниите да се вратат на работа и да обезбедам дополнителни средства за дистрибуција на вакцини“, објасни Трамп.
Пресвртот се случи по денот обележан со апели од сите политички струи, повикувајќи го да дејствува за да избегне економска и социјална катастрофа, особено за најранливите, бидејќи одлуката за исплата на надоместоци на милиони невработени истече во саботата во полноќ.
„На Американците итно им треба помош. Претседателот мора веднаш да го потпише планот за олеснување изгласан од Конгресот или да стави вето, пред да биде предоцна“, напиша влијателниот републикански сенатор Мит Ромни на „Твитер“.
До синоќа Трамп одбиваше да го потпише нацрт-законот, тврдејќи дека е потребна ревалоризација на износот на помошта за семејствата во неволја, со што се спротивстави на членовите на неговата републиканска партија и ги изложи на ризик милиони Американци.
Бенефициите за невработеност обезбедени од две федерални програми започнати во март како дел од првиот план за економска помош истекоа во саботата, оставајќи најмалку 12 милиони Американци во несигурна ситуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
38-годишен маж претепан до смрт во Белград: „Жртвата има ужасни повреди на лицето“
Припадници на белградската полиција ги уапсија С.Р. (40) и В.С. (46) под сомнение за сторено тешко убиство, додека интензивно се бара уште едно лице. Тие се осомничени дека претепале до смрт 38-годишен маж во напуштена зграда во Белград. Телото беше пронајдено вчера наутро, објавува Нова.рс.
Според првичните информации, мажот починал од повеќекратни удари нанесени со тапи предмети по целото тело. Се сомнева дека жртвата била претепана со стап и шипка.
„Жртвата има ужасни повреди на лицето, главата и телото, кои најверојатно се нанесени од тврд предмет. Во куќата се пронајдени метална шипка и дрвена палка, кои форензичките експерти ги зедоа од местото на настанот за испитување. Се сомнева дека човекот бил претепан до смрт со овие предмети“, вели извор запознаен со случајот, додавајќи дека убиството веројатно се случило 24 часа пред да биде пронајдено телото.
На уапсените осомничени им е одреден притвор до 48 часа.
Свет
Политико: ЕУ дополнително ги заострува визите за Русите
ЕУ се подготвува да престане да издава повеќекратни шенгенски визи за руските граѓани, а во повеќето случаи ќе им се издаваат само еднократни визи, изјавија тројца европски претставници за „Политико“.
Новата политика, која се очекува да биде одобрена оваа недела, е најновата во серијата санкции против Москва поради нејзината војна во Украина. Исклучоци ќе бидат направени за хуманитарни случаи и за руски државјани кои имаат и државјанство на ЕУ.
Брисел веќе ја ограничи можноста за добивање шенген визи за руските граѓани.
Процесот стана поскап, побавен и со ограничени опции.
Регион
Црна Гора се поблиску до Европската Унија: познат е можниот датум за влез
Црна Гора го доби својот најповолен извештај за напредокот во европската интеграција откако ги започна преговорите за пристапување со Европската Унија. Европската комисија, во документ презентиран во Брисел во вторник, изјави дека земјата постигнала значителен напредок и дека би можела да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година ако го задржи сегашното темпо на реформи, објави ДВ.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, изјави дека Црна Гора е „најподготвена за членство во ЕУ од сите земји-кандидатки“, нагласувајќи дека проширувањето на Унијата е реална можност во наредните години.
Комесарот за проширување, Марта Кос, додаде дека се приближува времето кога Брисел ќе започне со подготовките за склучување на Договор за пристапување со Црна Гора.
Црна Гора минатата година затвори четири преговарачки поглавја, а планира да затвори уште до крајот на годината. Европската комисија нагласува дека е клучно да се одржи стабилен напредок во реформите и политичкиот консензус, за да може процесот на преговори да се заврши до крајот на 2026 година.
Амбасадорот на Европската Унија во Црна Гора, Јохан Сатлер, го нарече ова „најдобриот извештај на Европската комисија за Црна Гора досега“, но предупреди дека следните 14 месеци ќе бидат клучни, особено во зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Премиерот Милојко Спајиќ рече дека ова е најпозитивниот извештај досега, нагласувајќи дека Црна Гора постигнала напредок во 18 од 33 преговарачки поглавја. „Ги гледам препораките од Брисел како патоказ за Владата и Парламентот“, рече тој.
Германскиот амбасадор Петер Фелтен оцени дека Црна Гора „постигнала значителен напредок во сите поглавја“ и дека препораките се силен водич кон исполнување на преостанатите услови за членство.
фото: принтскрин

