Вести
Почина Шимон Перез
Поранешниот претседател на Израел, добитникот на Нобеловата награда за мир Шимон Перез, починал во својот дом на 94-годишна возраст, објави израелскиот весник Харец.
Шимон Перез беше еден од последните преживеани основачи на модерниот Израел. Роден во Полска како Шимон Перски во 1923 година, а со семејството во мандатната Палестина пристигнал кога имал 11 години.
Растел во Тел Авив каде учел во средно земјоделско училиште, а работел и како фармер и овчар. Додека престојувал во САД студирал во Њујорк и на Харвард.
Бил премиер на Израел и лидер на Лабуристичката партија. Тој е првиот Израелец кој бил премиер и претседател на државата.
За време на својата политичка кариера, долга речиси 70 години, ги обавувал речиси сите значајни функции во владата, а како што потсетува Њујорк Тајмс, ја имал клучната улога во историјата на земјата како борец и миротворец.
Член на Кнесетот (парламентот на Израел) бил од 1959 се до 2007 година кога станал претседател на државата.
Перез, како шеф на израелската дипломатија, во 1993 година бил вклучен во преговорите со лидерот на Палестинската ослободителна организација, Јасер Арафат. Наредната година за тој договор, заедно со Арафат и тогашниот премиер на Израел Јицак Рабин, Перез ја доби Нобеловата награда за мир.
Кога во 2014 година му заврши седумгодишниот претседателски мандат продолжил да биде активен во Центарот за мир кој го носи неговото име и чија цел е коегзистенција помеѓу Евреите и Арапите.
До крајот на животот тој останал влијателна личност во државата и надвор од неа.
Во 1995 година се објавени неговите мемоари насловени како „Битката за мир“.
Перез на 13.септември бил хоспитализиран поради проблеми со срцето. Здравствената состојба на почетокот му била сериозна, но стабилна, а во вторникот таа се влошила. крај/мф/нц
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.