Македонија
(Видео) Арсовски: 135 нови вработувања во Град Скопје за време на сериозна криза и рецесија
Петре Шилегов и СДСМ на само една година пред локалните избори, во сериозна криза и рецесија во којашто се наоѓаме како држава во моментов, вработуваат 135 луѓе во Град Скопје по партиски клуч, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Нови 135 луѓе по насока на штабот на СДСМ ќе се вработат кај Петре Шилегов и годишно овие луѓе, овие 135 вработувања ќе ги чинат граѓаните над еден милион евра. Изминативе година дена над 50.000 луѓе ја загубија својата работа како резултат на неспособноста на СДСМ да се справи со економската криза предизвикана од корона-пандемијата, но затоа Заев и Шилегов вработуваат 135 луѓе по партиски список.
За да биде апсурдот поголем, во Град Скопје се вработува личен возач на Петре Шилегов, за кого претходно најавивме дека е роден 2001 година и законот не дозволува да вози нов автомобил со високи перформанси. Автомобилот ‘фолскваген пасат’ кој ќе му биде доделен на новиот личен возач на Петре Шилегов, кој има само 19 години, не смее да го вози човек без 2 години возачко искуство, а нормално момче родено 2001 година со полни 19 години никако не може да ги исполнува условите бидејќи би требало да полага во тој случај на 17 години, што е невозможно. Најголем апсурд е што се вработува нов личен возач на Петре Шилегов, а во Град Скопје има дури 19 возачи коишто веќе се во работен однос.
Понатаму, на определено време се вработува раководител на сектор за заштита на животна средина. Ниту се видело ниту се чуло раководител во сериозна институција како Град Скопје да биде вработен на определено време. Ова е апсурд најголем на свет, бидејќи оној кој треба да биде одговорен за цел еден сектор на вработени не е со постојано вработување во Град Скопје.
Едно од вработувањата е и советник за јавно осветлување. Може Шилегов да излезе и граѓаните сами ќе му кажат каде не функционира осветлувањето. Не му е потребен човек да го советува кои канделабри се прегорени или кои светилки се искршени.
И за крај, сметаме дека фали уште едно вработување, 136-то на број, и му даваме идеја на Шилегов да вработи советник за уличните кучиња скитници, бидејќи изминативе три години граѓаните се испокасани од кучиња скитници поради неговата негрижа да се справи со истиот проблем.
Ова е расипничкото однесување на СДСМ со парите на граѓаните, и додека граѓаните тонат во сиромаштија, СДСМ, Шилегов и Зоран Заев вработуваат нови 135 луѓе во Град Скопје. Невините граѓани се избркани на улица поради пандемијата и кризата бидејќи државата не успеа и не најде начин да му помогне на стопанството, но затоа СДСМ си вработува луѓе по партиски клуч во институции“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

