Економија
(Видео) Заев во Тетово: Ја намалуваме сивата економија, која ѝ штети на државата

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, денеска, во Тетово, присуствуваа на отворањето на новиот објект на Државниот пазарен инспекторат. За потребите на ова подрачно одделение, Владата за Државниот пазарен инспекторат му обезбеди трајно користење работни простории од 430 м2.
Премиерот Заев истакна дека објектот од 2003 година воопшто не е користен и за таа цел направена е реконструкција со средства од државата, односно 5 милиони денари од буџетот на Државниот пазарен инспекторат, како и со донација од странски и домашни јавни и приватни компании.
„Ги зајакнуваме капацитетите на вработените обезбедувајќи им инфраструктура, професионално да ја извршуваат работата, со цел да придонесат во намалување на сивата економија за која Инспекторатот како орган е надлежен. Ова е еден од чекорите во создавање услови за ангажирана работа во борбата со сивата економија за која Владата силно се залага со сите релевантни фактори да ја сведе на минимум. Така, не само што ја штитиме конкурентноста туку го спречуваме и неплаќањето на давачките кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на реалното стопанство, на луѓето што работат, намалување на митото и корупцијата, недозволена прекугранична трговија, како и заштита од употреба на небезбедни производи пуштени во промет на нелегален начин“, изјави Заев.
Министерот Бектеши истакна дека една од целите за подобрување на бизнис-климата во државата е токму намалувањето на сивата економија.
„Изминативе неколку години работевме интензивно во оваа насока на повеќе законски решенија. Клучната улога во намалувањето на сивата економија ја има Државниот пазарен инспекторат и во таа насока зголемувањето и зајакнувањето на капацитетите на инспекторатот ќе придонесат за зголемување на контролата на терен. Од почетокот на пандемијата Државниот пазарен инспекторат беше соочен со големи предизвици. Одигра клучна улога во воведување ред и контрола кај трговските и угостителските објекти, пред сè, во делот на заштита на населението од пренесување на коронавирусот. Уште од првиот ден на пандемијата донесовме уредби со кои се зајакна контролата во трговските и угостителските објекти за да се намали ширењето на вирусот. Тие уредби потоа преминаа во законски решенија, со што се зголеми улогата на инспекторите и кај трговските објекти и кај угостителските објекти. В година е предвидено и зголемување на бројот на пазарни инспектори, односно зајакнување на капацитетите на оваа институција“, изјави Бектеши.
Директорот Пауновски ѝ се заблагодари на Владата за поддршката и рече дека сите работи се завршени за рекордно време.
„За 100 дена, добивме простории, реконструкција и сместување на вработените. Така, 43 вработени, кои досега своите работни обврски ги извршуваа во рамките на Општина Тетово во простории од 90 м2, во новите простории во овој објект ќе имаат услови, современа информатичка опрема и пристојно место за извршување на секојдневните работни задачи“, изјави Пауновски и додаде дека продолжува посветената работа Државниот пазарен инспекторат да се модернизира во европска транспарентна институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.