Регион
Голема победа на СПЦ во Црна Гора, променет Законот за имот
Новото црногорско владејачко парламентарно мнозинство синоќа во 2 часот по полноќ ги усвои измените и дополнувањата на Законот за слобода на вероисповед под влијание на Српската православна црква (СПЦ), а сите пратеници од опозицијата ја бојкотираа расправата велејќи дека нема кворум за седницата на црногорскиот парламент.
Усвојувањето на измените и дополнувањата на законот беше придружено со аплауз од пратениците на власта, додека, пак, опозицијата одржа прес-конференција во холот на црногорскиот парламент, тврдејќи дека црногорскиот Устав е прекршен и дека парламентарните одлуки се нелегитимни и неважечки.
Законот за слобода на вероисповед, усвоен од претходната црногорска влада предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС), предвидуваше верските заедници да докажуваат сопственост на недвижниот имот.
Веднаш по усвојувањето, се спротивстави СПЦ, која организираше масовни протести во поголемиот дел од 2020 година, тврдејќи дека целта на законот е да се заплени нејзиниот имот во Црна Гора.
Според аналитичарите, токму овие протести доведоа до прв изборен пораз на Мило Ѓукановиќ и до прва промена на владата во Црна Гора во последните три децении.
Со измените и дополнувањата на законот се укинава промената на статусот на црковниот имот, што значи дека тој останува во сопственост на СПЦ, а државата, доколку сака да го заведе тој имот како свој, може да се обрати на суд.
Пратениците од опозицијата рано наутро во вторникот изјавија дека владејачкото мнозинство нема кворум затоа што еден пратеник бил изолиран поради коронавирус и се приклучил на дебатата преку интернет, додека друг бил со мандат непотврден од страна на Државната изборна комисија.
„Скандалозно однесување, драстично кршење на Уставот и на демократските принципи“, рече пратеникот на ДПС и поранешен премиер Душко Марковиќ, нагласувајќи дека тој ќе ѝ укаже за таквото однесување на меѓународната заедница.
Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, кој присуствуваше на дебатата, рече дека Демократската партија на социјалистите (ДПС) се обидува да ја смени изборната волја на граѓаните преку политичка корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Регион
Кипар го подигна нивото на тревога, училиштата се затворени
Кипар го подигна нивото на тревога по нападот со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири на островот. Властите ги затворија училиштата и спроведоа евакуации каде што е потребно, бидејќи земјата е вовлечена во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Во утринското обраќање до нацијата, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека безбедноста на земјата е најголема грижа на неговата влада.
„Се наоѓаме во регион со исклучителна геополитичка нестабилност, со бројни предизвици и проблеми, кој во моментов поминува низ невидена криза. Правиме сè што е потребно, а безбедноста на нашата земја и граѓаните е наш врвен приоритет“, рече тој.
Тој нагласи дека Кипар, членката на ЕУ најблиску до Блискиот Исток и популарна туристичка дестинација, инсистира дека нема да се вклучи во никакви воени операции.
„Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имавме цело време – секогаш како дел од решението, а не како проблемот – и ќе продолжиме да дејствуваме со истото чувство на одговорност“, додаде Христодулидес.
Осврнувајќи се на нападот што се случи синоќа, ретседателот рече дека „дрон Шахед погодил воени објекти во британската база во Акротири и предизвикал мала материјална штета“.
Грчките медиуми објавија дека бил неутрализиран и втор борбен авион, кој Иран исто така го насочил кон британската база, оддалечена околу 960 километри.
фото/ЕПА
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА

