Македонија
(Видео) Мицевски: Отпечаток од прст дава сигурност во спроведување на пописот
ВМРО-ДПМНЕ поднесе 26 амандмани по основ на законот за попис. Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се работи за суштински амандмани. Според него, исто така, факт е дека отпечатокот со прст дава сигурност во целата постапка за спроведување на пописот.
„Истите амандмани ќе ги аргументираме затоа што навистина се суштински и навистина се амандмани кои би значеле подобрување на самото законско решение и влевање доверба во целото ова решение што се нуди сега. Со загриженост ги следиме настаните затоа што во јавноста се бара оправдување за да се избегнат некои од барањата коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ по однос на оваа статистичка операција којашто би требало да се направи. Значи избегнувањето на обезбедување фингерпринт е навистина нешто што не дава сигурност во целата постапка. Образложенијата дека тоа е скапа операција и ќе треба време не држи затоа што таква одлука за набавка во државната изборна комисија за таква апаратура има, меѓутоа не се префрлени пари од буџетот во ДИК за тоа“, рече Мицевски.
Сметаме, додаде тој, дека е многу лесно државата да префрли пари за да бидат обезбедени овие апарати за отисок од прст со што на многу лесен начин ќе успееме резидентното население да го одвоиме од државјаните во Република Македонија.
„Дополнително, ако навистина сакаат да биде статистичка операција би требало методологијата да биде составен дел на законот за да можеме ние коишто го носиме законот целата таа методологија да ја имаме на увид и да продискутираме за тоа, а не потоа тоа да се носи со подзаконски акти во кои Собранието ќе нема учество. Исто така, многу е симптоматично барањето на врзан потпис на директорот и заменик-директорот затоа што сепак тоа се политички фигури, едниот е поставен од страна на СДСМ, другиот од ДУИ и не ја гледам потребата за врзан потпис за нешто што би требало да значи обврска на директорот на институцијата и зошто за тоа би требало да даде поддршка и заменикот на истата таа институција. Така што сметам дека има некои работи кои би требало да се подрасчистат, има некои работи коишто треба да се средат, еве сега додека трае Комисијата за европски прашања да имаме некои порелевантни информации и да имаме доверба во целиот процес“, рече Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу-Сала: Постојат можности за продлабочување на соработката со Република Албанија во областа на здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на работната посета на Република Албанија оствари средба со министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Евис Сала, на која беше реафирмирана успешната билатерална соработка меѓу двете земји и можностите за понатамошно нејзино продлабочување во областа на здравството.
– Со Република Албанија имаме воспоставено успешна соработка, а со министерката Сала заеднички се залагаме за продлабочување на соработката во повеќе сегменти на здравствениот систем. Лично сметам дека размената на знаења и искуства меѓу медицинскиот кадар од двете земји придонесува кон целокупно унапредување на здравствената заштита. Воедно, ја информирав министерката за нашата заложба за јакнење на човечките ресурси и проактивно планирање на кадровските капацитети, со посебен акцент на унапредување на системот за специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите на граѓаните, истакна Алиу.
На работната средба на министрите Алиу и Сала стана збор и за дигитализацијата, како еден од клучните двигатели на развојот на здравствените системи во регионот.
Македонија
(Видео) Левица со најава дека ќе достави докази до ДКСК за Томовски и фирмата „Сити Аутсорсинг”
Бидејќи директорот на СОЗР Ивица Томовски одбива да одговори дали управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг” е негов личен пријател, Левица ќе достави фотографии до Антикорупциската комисија, која отвори предмет за овој случај, соопштија од партијата.
„Во оваа компанија која добила 5 милиони евра државни пари во тендери, како управител е заведено лице кое има бројни заеднички фотографии токму со Томовски, што ја потврдува поврзаноста на директорот на СОЗР. Заедничките фотографии ја отвораат дилемата дали управителот само формално фигурира во оваа компанија, која претходно беше во сопственост на семејството на Томовски?!
Потсетуваме дека името на компанијата „Сити Аутсорсинг” претходно гласеше „Сити Логистик”. Како „Сити Логистик”, компанијата добила тендери од 60.000 евра со потпис на Мицкоски, кога тој беше директор на ЕЛЕМ. Јавното обвинителство мора да отвори истрага како фирма каде управител бил Томовски, а Мицкоски делел тендери – сега добива 5 милиони евра државни пари?!“.
Левица, нагласуваат од оваа партија ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа контроверзна компанија, која очигледно, како што оценуваат, е параван за испумпување на државни пари за Мицкоски и неговите блиски соработници.
„За Левица е скандалозно што ОЈО не отвора ниту една постапка за компаниите каде се инволвирани соработниците на премиерот, што укажува дека апсолутистичкиот режим на ДПМНЕ целосно го има заробено правосудниот систем за да нема одговорност за нивните криминали“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Стари кадри од времето на Заев обременети од претходните функции, Филипче ги претставува како нови лица во раководството на СДС
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС продолжува да тоне се подлабоко.
Наместо промени, нови лица и свеж кадар, на раководни позиции, СДС, додаваат од владејачката партија, повторно стави стари и излитени лица уште од времето на Зоран Заев.
„Венко Филипче најави таканаречена „Нова сила“, а всушност врати стари лица на Заев, со кој ја приватизираа и на крај ја раскрчмија СДС.
Старите кадри претставени како ново раководство на СДС, Заев му ги напиша, а Филипче само ги изгласа.
Во нивното т.н. ново раководство влезе Филип Андов кој е поранешен директорот на затворот Шутка со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, како и Јон Фрчковски кој беше фатен и призна дека на своето работно место консумира наркотични средства, а наместо осуда од СДС доби унапредување.
Тука е и поранешна директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска која и досегашен член на ИО на СДС, па Драган Крајовски, претседател на ОО на СДС во Битола во времето на Ковачевски а директор на затворот „Црн мост“ во времето на Зоран Заев и член на ЦО на партијата, а за претседавач Филипче го избра Герасим Лазов.
Следниот е Дејан Николовски, кој беше вработен во кабинетот на Заев, задолжен за странските инвестиции и досегашен претседавач на ЦО, како и Андреј Жерновски, неуспешен и скандалозен дипломат, неуспешен градоначалник и градежник кој за функција прелета од ЛДП во СДС на Заев, кого јавноста не го памети по ништо добро, туку само по ширење на паника дека ќе се урне стадионот кој Скопје ден денес го користи.
Агрон Демири, поранешен советник во секторот за ЕУ и меѓународна соработка, па во Одделението за правни услуги во АД ЕСМ, коносител, односно втор на листата во шеста изборна единица на минатогодишните парламентарни избори кога СДС го претрпе најголемиот пораз а тој не успеа да пратеничко место.
Организацискиот секретар, Љупчо Фармаковски, наречен Фосил, државен советник во МВР и во влада уште од времето на Хари Костов, кој до ден денес му е главен координатор за човечки ресурси во Комерцијална Банка. Во 2008 година беше претседател на Националната комисија за интегрирано гранично управување, а и до сега ја извршуваше истава партиска функција.
Да не ја заборавиме и Јована Тренчевска, поранешна министерка за труд и социјална политика во владите на Заев, на работа го врати директорот на меѓуопштински Центар за социјална работа во Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што беше фатен во трговија со дрога.
Тренчевска лани се повлече од функцијата како Претседателка на форумот на жени, при што на социјалните мрежи пишуваше дека е време во СДС да приклучат нови лица блиски до народот на кои им се верува, неизвалкани од бремето на претходните функции“.
А Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, избра спротивно на ова, сите до еден стари кадри, со што се потврдува нашата, како што велат, и на цела јавност констатација, СДС продолжува да тоне, наместо да направи суштински структурни и кадровски промени.
Според нив, ова е убедливо најлошиот состав на СДС кој Филипче и Заев го избрале, што на следни избори и 100 илјади гласа ќе им бидат недостижни.

