Економија
Исплатени 11,5 милиони евра државна помош на 141 компанија
																								
												
												
											Владата континуирано докажува дека е посветена на партнерски однос и поддршка на домашната економија и во време на светска криза предизвикана од Ковид-19, преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции со 11,5 милиони евра, поддржани се 141 компанија, кои вработуваат околу 18.000 лица.
Како што, претходно годинава, на заедничка прес-конференција известија вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за економија, Бектеши, оваа година беа потпишани нови 38 договори и 10 анекси на постоечки договори со компании за државна помош, според Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра. Кумулативно, од 2018 година до денес, по овој Закон се потпишани 245 договори со компании. Од нив до 15 ноември 2020, до кога е и законскиот рок за аплицирање за исплата на државна помош за инвестициски циклуси направени во 2019, беа пристигнати 151 барање. Од нив, 141 компанија кои вработуваат околу 18.000 лица, ги исполнија условите согласно Законот и за истите беше исплатена финансиска поддршка од околу 11,5 милиони евра или 706.666.491 милиони денари.
„Од исклучителна важност за компаниите и стопанството е фактот што и во време на криза државата обезбеди доволно средства во буџетот за 100% исплата на побарувањата на компаниите за државна помош. Ова го потврдува партнерскиот однос и грижата на Владата на РСМ, како и влогот во развојот и зголемувањето на конкурентноста на домашните компании, како и зголемување на стандардот на живеење на граѓаните.
Законот за финансиска поддршка на инвестициите дава подеднаква можност за сите компании во земјата, независно од нивната големина или местоположба, како и дали се домашни или странски компании. Единствено важно е компаниите да прават инвестиции во нивниот развој и конкурентска предност, да покажуваат успех во нивното работење и да не го намалуваат бројот на вработени со текот на годините. Економскиот развој, унапредување на конкурентноста на компаниите на домашниот и меѓународните пазари и подигнување на животниот стандард на вработените, останува врвен приоритет на Владата. Во овој момент фокусирани сме кон амортизирање и намалување на штетите предизвикани од коронавирусот, сепак паралелно мораме да работиме и на подолгорочно планирање и да бидеме подготвени за брз раст и развој на економијата по стабилизирање на состојбата со коронавирусот, односно во постковид периодот. Затоа е од исклучителна важност дека ова се финансиски средства кои компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој како и стекнување конкурентска предност. Ова носи напредок и развој за нивните вработени, но во ова време на непредвидливост и светска криза, значи стабилност на нивните работни места и отворање нови“, соопшти кабинетот на заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
														Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

