Европа
Путин потпиша нови закони со цел да се ограничи влијанието на американските социјални мрежи
Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша низа закони со кои на државата ѝ се даваат нови овластувања насочени кон ограничување на активностите на најголемите американски социјални мрежи, класифицирање поединци во категоријата странски агенти и спречување откривање лични податоци на вработените во безбедносниот сектор.
Еден од новите закони ѝ дозволува на Русија да го блокира или ограничи пристапот до веб-страници, кои, како што се вели, ги дискриминираат руските медиуми како дел од кампањата на Путин за зголемување на рускиот суверенитет на интернетот, што го поттикнува стравот на корисниците од притаена интернет-контрола во кинески стил.
„Твитер“ во моментот означува некои руски медиуми како медиуми блиски до државата, потег што официјална Москва го смета за навредлив. Оние што го поддржуваат законот се жалат на предрасуди и во односот на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Јутјуб“.
Вториот закон воведува големи казни во износ до 20 % од остварениот сообраќај од претходната година за веб-страници со седиште во Русија, кои во повеќе наврати не отстрануваат забранети содржини, што, според мислењето на руските законодавци, и „Јутјуб“ и „Фејсбук“ често избегнувале да го прават.
Третиот закон забранува откривање лични податоци на руски службеници за безбедност, како, на пример, снимки што понекогаш излегуваат на интернет, а потоа ги користат истражувачките новинари.
Другите нови закони ќе овозможат воведување двегодишна затворска казна за клевета на социјалните мрежи и воведување нови регулативи за забрана за финансирање протести од таканаречени странски агенти, како и забрана на некои собири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

