Македонија
Ахмети: Само обединети и еднакви можеме да триумфираме

Годината што ја оставаме зад нас беше тешка и многумина од нас изгубија членови од семејствата, пријателите и познаници како резултат на пандемијата, затоа денес сочувствувам и се солидаризирам со сите овие семејства и апелирам за дополнителна грижа за време на празниците и периодов кој ни претстои, порача претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Истовремено, сакам да изразам голема благодарност до медицинскиот и полицискиот персонал заедно со сите други кои беа и сè уште се на фронтот во битката со невидливиот непријател во текот на оваа тешка година. Сепак, во сета своја тешкотија, времето на пандемијата ни докажа најдобро дека сите дишеме ист воздух, дека сите нè грее едно исто сонце и дека само обединети и еднакви можеме да триумфираме.
Обединети и еднакви, оваа година станавме членка на НАТО и добивме зелено светло од Европската Унија за пристапни преговори со што се заокружи повеќедеценискиот сон и нашата определба. Обединети, победивме на изборите во јули и го постигнавме договор за коалиција којшто беше поздравен од сите, додека денеска го спроведуваме истиот.
Ние сме тука едни за други во секое време, во добро и во лошо, блиску и сплотени, обединети околу нашите заеднички цели.
Дозволете ми да се обратам на секое семејство, на секој од вас каде и да сте, во нашата земја, во Албанија, Косово, Црна Гора, на дијаспората, со најискрени и нај љубезни желби за подобра, посреќна и поздрава година, заедно и сплотени едни со други“ се наведува во честитката на Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Апасиев да остане доследен на себе и да побара Мециновиќ да си поднесе оставка

ВМРО-ДПМНЕ го прашува Апасиев од Левица дали ќе побара оставка од Мециновиќ сега кога се кандндира за градоначалник?
„Дали Апасиев ќе побара од Мециновиќ да си поднесе оставка од пратеник сега кога се кандидираше за градоначалник, како што бараше претходно? Очекуваме Апасиев да остане доследен до себе и да побара Мециновиќ да си поднесе оставка“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата пренесуваат изјава на Апасиев во која вели дека пратениците кои се кандидирале за градоначалници треба да поднесат оставка.
Партијата Левица денеска соопшти дека нејзин кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде пратеникот Амар Мециновиќ.
Македонија
Поместени границите во ортопедската трансплантација – извршена најсложената трансплантација на коска на Клиниката за ортопедија

На Универзитетската клиника за ортопедија успешно е изведена најсложената трансплантација досега, со што се поместени границите на современата ортопедска хирургија кај нас, соопшти Министерството за здравство.
Пациент, маж на 64-годишна возраст, со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница, беше подложен на ресекција на средишниот дел од бутната коска, реконструкција со графт од кадавер и фиксација со клин.
Операцијата беше во два акта – во вториот имаше пластична реконструкција, која ја изведе тим предводен од д-р Томислав Јовановски. Првиот хируршки тим го предводеше проф. д-р Милан Самарџиски, со учество на спец. д-р Бојан Будиќ, д-р Теодора Тодорова и д-р Гоце Гулески. За анестезија беше одговорна проф. д-р Јасминка Нанчева, со анестетичарката с. Јована Илиева.
Во операционата сала активно придонесоа инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рендген-техничарот Силвана Станковска.
„Со овој зафат се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се потврдува капацитетот на македонските хируршки тимови за изведба на интервенции од највисок степен на сложеност“, велат од Министерството за здравство.
Македонија
Муцунски: Владата работи на европската интеграција, ред е и ЕУ да покаже посветеност

Во интервју за NewsMax Balkans, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зборуваше за европската интеграција на државата, регионалните прашања, членството во НАТО, партнерството со ЕУ во сферата на безбедноста и одбраната, како и за странските инвестиции.
„Подготвени сме да ги завршиме тешките реформи – и веќе тоа го правиме. Со тоа јасно го демонстрираме стратешкиот правец во кој се движиме. Но време е и Европската Унија, нејзините институции и земји-членки, да покажат подеднаква посветеност на нашиот европски пат,“ изјави министерот Муцунски.
Тој нагласи дека Владата е посветена на европската интеграција преку спроведување на реформи и исполнување на мерливи критериуми што самата Унија ги поставила, но дека е потребна одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата и додаде дека државата црвсто стои на своите стратешки приоритети членството во НАТО, посветеноста на патот кон Европската Унија и стратешкото партнерство со САД.
Министерот се осврна и на членството во НАТО и придонесот на државата кон регионалната, европската и глобалната безбедност, вклучително и преку Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Македонија и ЕУ, договорите за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија.
Во делот на економијата, министерот истакна дека според најновите статистики, Северна Македонија е лидер во регионот и во Европа по обем на странски инвестиции во однос на БДП.
„Граѓаните и бизнисите сакаат резултатите да ги почувствуваат и на терен. Најчесто бенефитите од големите инвестиции се видливи по шест месеци до една година, преку нови и подобро платени работни места, зголемена продуктивност и соработка со домашни компании,“ додаде Муцунски.
Тој посочи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со Дирекцијата за ТИРЗ, работи на обезбедување сигурност и поддршка за странските инвеститори, со крајна цел граѓаните да го почувствуваат ефектот на инвестициите во нивниот животен стандард.
„Ветувам дека ќе работиме уште посилно за да се позиционираме уште подобро во следното мерење наредната година,“ заклучи министерот Муцунски во интервјуто за NewsMax Balkans.