Македонија
„Бадникови поворки“ во време на пандемија
На 6 јануари, во 12 часот (по македонско време), каде и да се наоѓате на планетата Земја, запрете за миг и помолете се за подобра година за сите – е апелот од здружението за православните вредности „Бадникови поворки“ по повод годинешното чествување на Бадник и Божик.
„Околностите не дозволуваат да ја организираме традиционалната божикна манифестација, ниту да формираме поворки на радост на улиците во Македонија, но ништо не нè спречува од топлината на своите домови да ја пееме божикната песна погласно од кога било. Оваа година ќе имаме еден поинаков, но не помалку радосен Божик. Божикната песна ќе нè сплоти во силна заедничка молитва и ќе нè предизвика, полни со верба и надеж, радосно да го најавиме Христовото раѓање!
Од преостанатите активности на здружението за православни вредности „Бадникови поворки“, освен хуманитарната дејност, во овој празничен период ја издвојуваме акцијата за собирање божикни честитки реализирана на 20-ина пункта низ Републиката. Се собираат пораки наменети за болните на инфективните одделенија, кои, за жал, оваа година за Бадник и Божик не ќе може да бидат во кругот на семејството. Акцијата водена под мотото „Пронајдете го пунктот во вашиот град и донирајте ја само вашата ЉУБОВ во вид на божикна честитка“ завршува на 5 јануари за веќе следниот ден, на Бадник, сите добри мисли преточени во бoжикна честитка да патуваат до инфективните одделенија за да ги утешат и развеселат болните и да истакнат неизмерна благодарност до медицинските работници.
Што се однесува до обновувањето на православните божикни песни, што некогаш се пееле на овие простори, како еден од најкрупните зафати на здружението „Бадникови поворки“, а секогаш во соработка со Бигорскиот манастир, оваа година традицијата продолжува со „Христос се раѓат, на светот радост“ – во изведба на „Љубојна“. Станува збор за традиционална божикна песна што потекнува од овие широки балкански простори, од времето на Ромејското Царство, Византија. Ја пееле нашите благочестиви предци, а кај нас најдолго се задржала меѓу мијачкото население поради што и сегашната обновена верзија е испеана токму на мијачки дијалект во чест и спомен на богатиот творечки дух на Мијаците, на нивната вера и ревносна борба за зачувување на православната вера и традиција и во најтешките времиња. Песната во изведба на „Љубојна“ и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, како и спотот во режија на Дејан Пројковски, ќе бидат промовирани на самиот ден Бадник како божикен подарок од „Бадникови поворки“ и Бигорскиот манастир до верниот народ“, велат од здружението.
Оваа година првпат во историјата една православна божикна песна добива толкување на знаковен јазик. Имено, „Бадникови поворки“, во соработка со Викторија Волак – сертифициран знаковен толкувач, ги израдува глувите лица со имплементирање знаковен јазик во спотот за божикната „Небо и земја“. Следува адаптација и на другите божикни спотови снимени изминативе 5 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

