Македонија
ООУ „Киро Глигоров“ во потесен избор за наградата на ЕУ за современа архитектура

Општинското основно училиште „Киро Глигоров“ влезе во потесен избор за наградата на Европската Унија за современа архитектура, „Мис ван дер Рое“ за 2022 година (EU mies award).
„Ми претставува особена гордост и задоволство што нашето најубаво и најмодерно основно училиште, ‘Киро Глигоров’, влезе во потесен круг за наградата на ЕУ за современа архитектура ‘Мис’ за 2022 година. Оваа номинација е големо меѓународно признание за ООУ ‘Киро Глигоров’ и уште една потврда за нашата посветеност на работата“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Наградата на ЕУ за современа архитектура, воспоставена во 1987 година како еднакво партнерство помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и фондацијата „Мис ван дер Рое“, се одржува на секои две години и ги избира најдобрите од кругот на најквалитетните современи архитектонски дела во Европа.
ООУ „Киро Глигоров“ е првото основно училиште изградено во општина Центар по 5 децении.
Училиштето се простира на вкупна површина од 16.200 м2 (12.100 м2 училишна зграда и 4.100 м2 дворна површина), изработено е по сите светски современи стандарди и при неговата изградба се користени најквалитетни материјали.
Автор на идејното решение за ООУ „Киро Глигоров“ е архитектот Бесијан Мехмети д.и.а., координатор на проектот, Кире Секуловски д.г.и., изведувач на градбата е „Вардар градба“, надзорот врз градбата го вршеше Заводот за испитување материјали (ЗИМ) Скопје, а градено е врз основа на проектот на тимот од „Инком инженеринг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.
Македонија
Градоначалниците од Западен Балкан ја основаа алијансата Green mayors во Драч

Градоначалниците од 19 општини од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја формираа Алијансата на „зелени“ градоначалници – регионална платформа за забрзување на зелената транзиција преку општинско лидерство и прекугранична соработка.
Потпишувањето се одржа во рамки на Форумот на „зелени“ градоначалници во Драч, организиран од OSF–WB (Фондација Отворено Општество – Западен Балкан). Настанот собра над 100 учесници – градоначалници, претставници на училишта, граѓански организации и експерти за енергетика.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на панел-дискусијата истакна:
„Проектот ‘Сончеви училишта’ и слични иницијативи покажуваат како промените можат да започнат на локално ниво. Општината работи на повеќе зелени решенија, како воведување електричен јавен превоз и изолација на стари згради. Нашата цел е да ги подготвиме граѓаните за праведна и одржлива иднина.“
На конференцијата беше посочено дека Битола е меѓу водечките општини во регионот според бројот и квалитетот на реализирани проекти за енергетска ефикасност и зелени решенија.