Европа
Џонсон објави ново национално заклучување до средината на февруари

Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва објави ново заклучување на национално ниво во Англија барем до средината на февруари, како превенција против брзото ширење на новата варијанта на коронавирус, објави агенцијата АП.
Оваа најава доаѓа во ситуација кога Велика Британија ја зголеми својата програма за вакцинација и стана првата нација што започна да ја користи и вакцината развиена од Универзитетот Оксфорд и производителот на лекови „Астразенека“, откако претходно беше одборена вакцината на „Фајзер“.
Џонсон рече дека луѓето мора повторно да останат дома, како што тоа било случај во првиот бран на пандемијата во март, овој пат затоа што новата варијанта на вирусот се шири на фрустрирачки и алармантен начин.
„Додека ви зборувам вечерва, нашите болници се под поголем притисок од Ковид отколку во кој било период од почетокот на пандемијата“, изјави тој.
Според новите правила, кои треба да стапат во сила што е можно поскоро, основните и средните училишта, како и колеџите, ќе бидат затворени за непосредна настава, освен за децата на работниците во т.н. клучни области. Студентите на универзитетите нема да се вратат на предавања барем до средината на февруари.
Сите продавници на несуштински производи и салони за лична нега, како фризерниците, ќе бидат затворени, а рестораните ќе можат да работат само преку шалтерска испорака.
До денеска, во англиските болници се регистрирани 26.626 ковид-пациенти, што е пораст за повеќе од 30% во однос на претходната недела, пренесува АП и додава дека тоа е 40% над највисокото ниво на првиот бран во текот пролетта.
Велика Британија во последните неколку недели забележа алармантен наплив на случаи со коронавирус, бидејќи јавните здравствени власти се борат да го контролираат ширењето на новата варијанта на Ковид-19, која е позаразна од претходните. Се регистрираат по повеќе од 50.000 нови инфекции на ден, откако тоа ниво на новозаразени за прв пат беше достигнато на 29 декември. Денеска забележани се 407 смртни случаи поврзани со вирусот, па вкупната борјка на починати се искачи на 75.431, што е една од најлошите во Европа.
Главните медицински експерти во Велика Британија предупредија дека без понатамошна акција постои ризик Националната здравствена служба да биде преплавена во неколку области во текот на следните 21 ден.
Неколку часа порано, шкотската премиерка Никола Старџен исто така воведе заклучување во својата земја до крајот на јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.