Европа
Во Берлин расте напнатоста меѓу велосипедистите и другите учесници во сообраќајот

Утрински метеж на берлинската Фридрихштрасе и река велосипедисти што брзаат кон своите дестинации.
„Тргни се од патот“, извикува еден од нив откако непрописно се качил на тротоарот, каде што пред него излегол беспомошен пешак.
Бернд Лехнер, 40-годишен службеник, успеал навреме да се тргне пред налетот на велосипедистот во полна брзина, но веќе му здодеало од агресивното однесување на велосипедистите во германската престолнина.
„Станува сè полошо и полошо. Велосипедистите почнуваат да ме загрижуваат повеќе од автомобилите“, вели тој.
Берлин е град познат како пријателски за велосипедистите, но нивниот брз подем за време на пандемијата почнал да предизвикува тензии на улиците.
Велосипедизмот е корисна активност за квалитетот на воздухот и јавното здравје, но во исто време полицијата бележи нагло зголемување на бројот на прекршоци извршени од велосипедисти и сè поголем број поплаки од пешаци за нивното однесување.
Шефицата на берлинската полиција, Барбара Словик, дури предложила задолжителна регистрација на велосипедисти, што ќе им олесни на властите да ги идентификуваат прекршителите.
„Во повеќе од 50 проценти од сообраќајните несреќи, во кои се вклучени велосипедисти, се виновни самите тие“, вели таа.
Некои плаќаат и со своите животи, 17 велосипедисти загинале во берлинскиот сообраќај минатата година. Во 2019 година имало шест жртви.
Берлин има три милиони велосипеди во споредба со 1,1 милион регистрирани автомобили, посочува Ранхилд Соренсен од невладината Changing Cities.
Изјавите на шефицата на полицијата, сепак, предизвикаа дебата за однесувањето на велосипедистите во градот.
„Тие нè туркаат, нè навредуваат. Многумина мислат дека се подобри луѓе само затоа што возат велосипед. Таа анархија мора да запре“, пишуваше неодамна во дневниот весник „Тагесшпигел“.
Во меѓувреме, Соренсен тврди дека критичарите се обидуваат да ги понижат велосипедистите за да го свртат вниманието од доцнењето во изготвувањето на новата стратегија за транспорт.
„Велосипедистите во Берлин сочинуваат 18 проценти од учесниците во сообраќајот и имаат на располагање само три проценти од јавниот простор“, вели Аника Менкен од здружението Verkehrsclub Deutschland (VCD).
„Агресијата се случува кога просторот е претесен, што природно доведува до дополнителна напнатост“, вели таа.
За споредба, автомобилите сочинуваат 33 проценти од уделот во градскиот сообраќајот, но зафаќаат 58 проценти од просторот.
Од берлинската полиција, пак, реагираат дека едноставно е невозможно велосипедски патеки да се направат насекаде, но додаваат дека ќе ја зголемат контролата со ангажирање повеќе полицајци на велосипеди, односно со зголемување на нивниот број од сегашните 40 на 100.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Полицијата го идентификуваше напаѓачот во Манчестер: уште тројца уапсени

Полицијата за борба против тероризмот потврди дека напаѓачот во утринскиот напад врз синагогата во Манчестер е 35-годишниот Џихад ал Шами, британски државјанин од сириско потекло.
„Врз основа на она што го знаеме во моментов, нашите евиденции не укажуваат на какви било претходни антитерористички истраги во врска со ова лице“, соопшти полицијата.
Тие додадоа дека три лица – двајца мажи на возраст од 30 години и една жена на возраст од 60 години – се уапсени и се приведени под сомнение за извршување, подготовка и поттикнување терористички акти.
Двајца мртви на местото на настанот, тројца тешко повредени
Полицијата потврди дека двајца мажи се прогласени за мртви на местото на нападот, додека тројца други мажи се во болница со сериозни повреди. Еден од нив претрпел убодна рана, друг бил удрен од автомобил вклучен во нападот, а трет подоцна сам отишол во болница со повреда за која се сомнева дека ја здобил додека полицијата го запирала напаѓачот.
Европа
(Видео) Орбан: Посилни сме од Русија; Туск: Ми се допаѓа кога ги користи моите аргументи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повтори дека Европската Унија не треба да се плаши од Русија бидејќи е посилна од неа во однос на капацитетите. „Вистинската опасност е економската стагнација и губењето на конкурентноста“, рече Орбан.
Додека полскиот премиер Доналд Туск разговараше со група полски новинари на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген, еден од нив реши да му постави прашање на Орбан, кој беше во близина и даваше коментари на унгарските новинари.
„Кој претставува главна закана за Европа“, извика новинарот, очекувајќи коментар од унгарскиот политичар.
Туск потоа му рече на Орбан: „Ова е провокација“.
Сепак, Орбан остана смирен и му одговори на новинарот: „Вистинската опасност? Економска стагнација и губење на конкурентноста“.
„Не Русија?“, праша потоа полскиот новинар.
😅Best dialogue at the Copenhagen summit!
– Orban: “We all spend more on armaments than Russia, so why are we afraid? We are stronger than them.”
– Tusk (tugging Orban by the sleeve): “I love it when he uses my arguments.” pic.twitter.com/7YF9Hs3Wfs
— NEXTA (@nexta_tv) October 2, 2025
„Ние сме посилни од Русија. Направете некои споредби и засновајте го вашето мислење на факти. Имаме повеќе од 400 милиони луѓе, а Русија има околу 130. Погледнете го европскиот БДП, толку е голем. Русија е толку мала. Сè заедно, 27 земји, трошиме повеќе за војската отколку Русите. Па зошто се плашиме? Ние сме посилни од нив“, нагласи Орбан.
„Ми се допаѓа кога ги користи моите аргументи“, се вмеша Туск. Орбан додаде дека европските земји мора „да се обединат и заедно да ги бранат своите интереси“.
Пред неколку дена, Орбан изјави дека Русија „веќе ја добила“ војната против Украина, иако е воено и економски слаба. Орбан, исто така, рече дека руските беспилотни летала ќе бидат соборени ако влезат во унгарскиот воздушен простор.
Европа
(Видео) Путин: Ако сме „хартиен тигар“ и напредуваме, тогаш што е НАТО?

Рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за тоа што ја нарече Русија „хартиен тигар“ и рече дека Москва брзо ќе одговори ако смета дека Европа ја провоцира.
Трамп, кој претходно изјави дека Киев треба да се откаже од територија за да се стави крај на војната, минатата недела ја промени својата реторика, велејќи дека Украина може да ја врати целата територија што Русија ја зазеде и опишувајќи ја Русија како „хартиен тигар“. Тој го повтори тоа оваа недела.
„Руските сили напредуваат по целата фронтова линија во Украина“
Путин, зборувајќи на состанокот на клубот Валдај во Сочи на Црното Море, рече дека руските сили напредуваат по целата фронтова линија во Украина и дека речиси целиот НАТО, предводен од САД, сега се бори против Русија.
„Хартиен тигар. Што е следно? Ајде да се позанимаваме со тој хартиен тигар“, рече Путин. „Значи, ако се бориме против целиот НАТО, се движиме, напредуваме и сме самоуверени, и сме ‘хартиен тигар’, тогаш што е НАТО?“
„Ако некој сè уште сака да се натпреварува со нас во воената сфера, како што велиме, слободно, нека се обиде“, рече тој. „Руските контрамерки нема да чекаат долго.“