Свет
Австриска министерка поднесе оставка по обвинувањатa за плагијат
Австриската министерка за труд Кристин Ашбахер поднесе оставка по обвинувањата дека се плагијат дел од нејзините универзитеткси трудови. Таа ги негита таквите обвинувања, но вели дека оставка поднесува за да го заштити семејството.
„За жал, непријателството, политичките немири и навредите се манифестираат не само врз мене, туку и врз моите деца, и со неподнослив интензитет“, истакна таа, додавајќи дека не може да дозволи ова да продолжи.„Од таа причина, јас се повлекувам“, додаде таа.
Канцеларот Себастијан Курц и се заблагодари на Ашбахер за нејзината работа и рече дека нејзиниот наследник ќе биде назначен во понеделник.
Оставката следи откако добро познатиот ловџија на плагијати Стефан Вебер се посомнева во веродостојноста на дипломската работа на министерката за економија на Австрија, Кристина Ашбахер. На својата веб-страница Вебер напиша дека Ашбахер го привлекла неговото внимание поради лошото изразување на германски јазик, па затоа решил да ја провери нејзината дипломска работа.
Откако ја анализирал работата што Ашбахер ја доставила до стручното училиште во Винеrнојштат, тој изјави дека е под сите научни стандарди.Тој цитира и неколку делови од делото, кои, како што тврди, покажуваат огромни јазични недостатоци. Вебер исто така тврди дека министерката „копирала цели делови“, а нејзината хипотеза била „плагијат“.
Вебер го привлече вниманието на јавноста со обвинувања за плагијат на дела на неколку австриски познати личности, како што се сегашниот европски комесар Јоханес Хан или поранешниот министер Томас Дрозд, а во случајот на политичарот Кристијан Бухман, овие обвинувања доведоа до одземање на неговиот докторат.
Дневниот весник „Клајн Цајтунг“ објави делови од работата на министерката Ашбахер, во кои таа преведе статија од американското списание „Форбс“. Високата школа во Винернојштад, како што беше соопштено за дневниот весник „Стандард“, ќе ја провери дипломската работа на Ашбахер, а доколку се заклучи дека е плагијат, тогаш ќе и биде одземена магистратурата. Ако тоа се случи, тоа ќе има последици за докторската диплома што Ашбахер ја стекна во Братислава минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.
Свет
Трамп на Молитвениот појадок: Веројатно ќе одам во рајот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека верува оти „веројатно ќе одам во рајот“.
„Навистина мислам дека ќе стигнам таму. Не сум совршен кандидат, но направив многу добро за совршени луѓе“, рече Трамп за време на говорот на Молитвениот појадок во хотелот „Вашингтон Хилтон“, објави CNN.
На настан на кој присуствуваа неколку членови на Претставничкиот дом и Сенатот, Трамп рече дека „сè уште се шегува“ за своето „патување во рајот“.
Тој тврдеше дека често избира да биде „саркастичен“ кога комуницира со медиумите, велејќи дека се обидува да се потсмева на начинот на кој се пренесуваат неговите изјави.
Трамп го нарече републиканскиот претставник од Кентаки, Томас Маси, кој се спротивставува на некои од клучните законски предлози на Трамп, „кретен“, додавајќи дека Маси би гласал против речиси секој закон што ќе биде донесен во Претставничкиот дом.
„Тој автоматски вели „не“ без разлика што е. Нешто не е во ред со него“, вели Трамп, пренесува медиумот.
Прославата по повод Молитвениот појадок за прв пат се одржа во 1953 година, а претходно вклучуваше појадок и посебен настан во Конгресот, додека оваа година се слави заедно со членовите на Сенатот со цел да се продолжи „традицијата на единствена молитва“, пренесува Танјуг.

