Македонија
(Видео) Арсовски: Заев назначил нови советници
Зоран Заев и СДСМ дрско им се смеат на граѓаните во лице. Додека Заеви за празниците јадеа во златни лажици и виљушки по дома, Зоран Заев успеал да го зголеми бројот на лични советници во Влада и да назначи плус нови од тие што веќе ги имаше, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Едноставно се назначени како награда за да земаат дебели плати од приближно 1.000 евра месечно платени од граѓаните. Овие 29 советници, новоназначени шест, кои го советуваат Заев се само непотребен трошок на грбот на граѓаните. Овие 29 квази советници, за кои не знаеме ниту еден паметен совет што му го дале досега на Заев, годишно граѓаните ги чинат 320.000 евра, а вкупно со надворешните соработници, коишто исто така се платени од Владата, граѓаните ги чинат 400.000 евра годишно“, рече тој.
Арсовски кажа дека пред неколку месеци била објавена листата на советници и сите заедно чинеле 240.000 евра, а сега сумата се зголемила многу.
„Лица кои не се прославија на министерски и директорски функции изминативе 4 години Зоран Заев ги назначува за свои советници за да купи мир со парите на граѓаните. Факт е дека ниту поранешните министри Едмонд Адеми и Аксел Ахмедовски, ниту, пак, Љубе Бошковски, ниту, пак, поранешните директори од храна и ветеринарство и од Македонски шуми немаа до сега никаков успех на своите позиции, а нема да имаат ниту сега како советници, бидејќи да знаеле и да имале познавања за своите функции веќе ќе го применеле на министерските и директорските позиции“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Преку наместен тендер во ЕСМ во 2023 испрани околу 2 милиони евра
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСM и ДУИ за време на нивното седумгодишно владеење воспоставиле тендерски мрежи со однапред договорени постапки и контролирана конкуренција, со цел перење пари од државниот буџет.
Во соопштението се наведува дека во 2023 година, преку организирана и добро осмислена шема во ЕСМ, биле испрани околу 2 милиони евра преку наместен јавен тендер со вкупна вредност од 8 милиони евра.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо постапката за јавна набавка да биде транспарентна, конкурентна и во интерес на јавноста, во неа биле вклучени две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово, со однапред дефинирани улоги. Кумановската фирма, како што се наведува, била вклучена исклучиво за да се создаде привид на конкуренција и да не изгледа дека скопската фирма е единствениот понудувач.
Од партијата посочуваат дека фирмата од Куманово доставила непотполна документација и понуда со цена повисока од претходно проценетата вредност, додека фирмата од Скопје понудила цена која речиси целосно се поклопувала со проценетата вредност, иако таа вредност воопшто не била јавно објавена во огласот.
По завршувањето на постапката, според соопштението, со цел да се замагли трагата, осомничените пуштале во оптек, примале и пренесувале финансиски средства во износ од околу 2 милиони евра, што, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, претставува јасна основа за сомнение за кривично дело перење пари.
Од партијата додаваат дека ова не е изолиран случај, туку само една од многуте шеми на наместени тендери кои функционирале за време на владеењето на СДСM и ДУИ.
Во соопштението се наведува и дека ниту Сoцијалдемократите ниту Интегративците не се оградиле, не се дистанцирале, ниту презеле одговорност, туку, како што тврдат, продолжуваат да го релативизираат и штитат криминалот.
Македонија
„Врват криминални тендери на ДПМНЕ додека Скопје се гуши во загаден воздух“, велат од СДСМ
„161 тендер за една фирма вредни 5,3 милиони евра, тендери од 9 милиони за друга фирма со двајца вработени, милионски износи за фирма на студентот на Мицкоски. Дури и по европските пари посегна власта за што ЕУ ја суспендираше ИПАРД 3 програмата“, велат од СДСМ.
„Наместо инвестиции во мерки и политики за намалување на загадувањето парите на граѓаните завршуваат во криминални тендери преку кои се пумпаат милиони евра.
Мицкоски најавуваше 1 милијарда евра инвестиции за чист воздух и намалувањето на загадувањето за 50% но наместо тоа ги намали парите за чист воздух за 51%!
Владата на ДПМНЕ нема пари за чист воздух, нема пари за бесплатен јавен превоз, нема пари за филтри, за еколошко греење, еколошки проекти, за итни интервенции.
Само за криминални тендери има пари.
Изборот на ДПМНЕ е крадење на народот и лично богатење наместо јавното здравје на скопјани.
Во времето на СДСМ се презедоа низа на мерки со Планот за чист воздух и во тие години започна тренд на постепено намалување на загадувањето.
Штетните честички ПМ 2.5 во воздухот се намалија за -564kg на годишно ниво, а честичките МП 10 за – 735kg исто така на годишно ниво. И тоа граѓаните го знаат.
СДСМ бара прогласување еколошка и здравствена кризна состојба во Скопје и свикување на итна седница на Советот на Град Скопје за што имаме и конкретни мерки за намалување на загадувањето.
Но, за да може да се реализира некоја мерка мора крадењето на народот да запре а сите виновни да понесат одговорност согласно закон.
На криминалот и корупцијата мора да им се стави крај“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски покажува дека „новото“ раководство на СДС се сведува на група блиски до Заев
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека „новото“ раководство на СДСМ се сведува на група луѓе блиски до поранешниот партиски лидер Зоран Заев, наведувајќи дека нема граница која претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не е подготвен да ја помине за да ги задоволи неговите апетити и агенда.
Во соопштението се посочува дека на листата за Извршниот одбор на „новото“ СДС се нашол и Јон Фрчкоски, син на партискиот идеолог. Според ВМРО-ДПМНЕ, во СДС има лица кои се компромитирани, лица кои ги злоупотребиле своите службени позиции, како и лица кои, како што се наведува, ќе направат сè за да останат блиски до поранешниот лидер на партијата.
Од партијата потсетуваат дека за Јон Фрчкоски пред неколку месеци во јавноста биле објавени фотографии на кои, како што тврдат, јасно се гледа како користи психотропни супстанци на своето работно место.
Во соопштението се наведува дека Филипче немал коментар за ова, ниту се оградил, а кога Фрчкоски се обидел да поднесе оставка од функцијата директор на Центарот за аналитика на СДС, таа не била изнесена пред Централниот одбор на партијата. Како што се цитира изјавата на Фрчкоски од минатата недела: „Не се враќам, никогаш не излегов, мојата оставка не беше разгледана“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Фрчкоски никогаш не одговорил на прашањата поврзани со наводите, како што се каде ја користел дрогата и од каде му била истата.
Во соопштението се поставува и прашањето дали во СДС владеат правила на, како што се наведува, „паралелна реалност“, со оглед на тоа што, според партијата, раководството е целосно отсечено од јавната перцепција и ги претставува како „нови“ лица кои, како што тврдат, одамна се компромитирани, а некои и јавно политички потрошени.

