Економија
НБРМ: Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови
На редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница беше одлучено каматната стапка да се задржи на историски најниското ниво од 1,5%, со што монетарната политика го задржа релаксираниот карактер.
„Намалувањето на основната каматна стапка во изминатата година, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови“, велат од НБРМ.
Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка измината година е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
Последно расположливите макроекономски показатели за бруто-домашниот производ упатуваат на годишен пад на економијата во првите три квартали од годината од 5,9%, што е во согласност со очекувањата од последните проекции. Во однос на четвртиот квартал, последно расположливите податоци за економската активност посочуваат на поповолни движења во домашната економија во однос на претходниот квартал, во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на Ковид-19, како и постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба. Натамошно забавување на годишниот пад бележат индустријата и прометот во вкупната трговија, потоа кај градежништвото има забрзување на растот, а единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството.
Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2%, што е во согласност со проектираната стапка според последната проекција. Во услови на ревизии кај надворешните влезни претпоставки во различни насоки, сè уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со неизвесните економски ефекти од вториот бран на пандемијата на Ковид-19 и нејзиното времетраење, како и појавата на мутација на коронавирусот.
Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции. Оттаму, измината година е остварен раст на девизните резерви од околу 100 милиони евра, наспроти очекуваниот пад. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, последните податоци за менувачкиот пазар и за надворешнотрговската размена упатуваат на можност за остварувања кај приватните трансфери и кај трговскиот дефицит во рамките на очекувањата за последниот квартал.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци заклучно со декември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, повисок од проектираниот за депозитите, а кај кредитите остварувањата се главно во рамките на очекувањата согласно со проекцијата.
Во периодот од последната, декемвриска, седница на Комитетот наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст, условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на Ковид-19. Во такви околности, банките имаа многу ниска и повремена потреба за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Поволни движења имаше и на девизниот пазар, видливи пред сè преку растот на нето-понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар. Овие пазарни остварувања беа проследени со натамошно зголемување на девизната ликвидност на банките, поради што Народната банка за првпат во 2020 година интервенира со откуп на девизи. Поволните случувања на девизниот пазар продолжуваат и во првата половина на јануари, при забележан нето-откуп на девизи од страна на банките.
Во декември, започнувањето на процесот на вакцинирање против коронавирусот во повеќе земји, постигнувањето на договорот за брегзит помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ и очекувањата за натамошна поддршка на економскиот раст од носителите на политиките создадоа оптимистички согледувања кај инвеститорите околу перспективите за економското закрепнување на глобално ниво. Оптимизмот на меѓународните финансиски пазари придонесе за зголемен интерес за вложување во повисокоприносни финансиски инструменти, поради што продолжи растот на глобалните берзански индекси, а вредноста на САД-доларот се намали. Цените на државните обврзници немаа позначителни поместувања во текот на месецот, односно се задржаа на релативно високи нивоа.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветно приспособување на монетарната поставеност, доколку е потребно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

