Економија
Бесими: Годинава нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст
Годинава нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, додека следната година ќе го достигне преткризното ниво. На среден рок, очекувам повисоки стапки на раст на економската активност и достигнување на просечно ниво од 5% во следните 5 години, со паралелна фискална консолидација во насока на одржливост на растот, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ и е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите.
На панелот на кој учествуваше министерот Бесими, учество земаа и вицепремиерите и министри за финансии на Хрватска и Унгарија, како и министрите за финансии на Полска и Бугарија. На форумот на Еуромани редовно учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, раководители на финансиски институции и инвеститори. Во дискусиите и анализите на учесниците, секоја година, вниманието е насочено кон најважните прашања за финансиските пазари и воопшто за економиите во Централна и Источна Европа и важи за редок настан од таков формат којшто овозможува поврзување на економистите заинтересирани за регионот на ЦИЕ – како на претставниците на институциите што донесуваат политики, така и на претставниците на банкарскиот сектор, учесниците на финансиските пазари и на инвеститорите.
Министерот Бесими истакна дека годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, потрошувачката и нето странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1% во 2021 година, согласно основното сценарио. Ова сценарио претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.
Тој посочи дека редизајнирањето на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст-SmartER Growth Policies се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување на побрз економски раст на среден и долг рок. Главна цел е на среден рок, како што посочи министерот, да се забрза економскиот раст од 2,6%, колку што бил просечно годишно во претходните десет години, на околу 5% просечно во следните пет години, а притоа да се постигне и фискална консолидација за да се обезбеди одржлив и инклузивен раст.
Министерот за финансии Бесими рече дека одговорот на пандемијата од страна на нашата Влада преку фискалната политика бил брз, внимателно таргетиран и значаен од аспект на поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население. Четирите пакети на економски мерки беа насочени кон поддршка на домаќинствата и нивната потрошувачка, помош за фирмите со цел одржување на работните места и подобрување на нивната ликвидност, но и нивна поддршка за инвестиции и извоз. Тој посочи дека државната помош преку различни мерки ќе продолжи и во 2021 година, со цел побрзо закрепнувањена домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на подолг рок.
Во однос на привлекувањето на странски директни инвестиции, министерот за финансии рече дека новите законски решенија се во насока на привлекување на инвестиции кои ќе продуцираат поголема додадена вредност. Тој посочи дека во изминативе години учеството на извозот на компаниите во ТИРЗ во вкупниот извоз на стоки од економијата постојано е во пораст, достигнувајќи 43,5% од вкупниот извоз во 2019 година. Министерот Бесими истакна и дека како резултат на странските инвестиции во зоните има подобрување во структурата на извозот, односно зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност, главно машини, транспортни уреди и хемиски производи, кое во 2019 година достигна 57,2% од вкупниот извоз, наспроти 17,3% во 2010 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

