Македонија
(Видео) Кузеска: Нема ниту ќе има преговори за македонскиот јазик и историја
Како на Христијан Мицкоски да не му беше доволно што во клучни моменти за државата излезе пред јавноста и без срам лажеше дека државата се распарчувала, дека се погазувала македонската држава, лажеше дека се погазувала македонската историја, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Како тоа да не беше доволно па сега лажат дека се загрозувал македонскиот јазик, ја плашат јавноста со наводни анекси и бараат нов договор што е спротивно на државните позиции. На почетокот на годината од Белата палата слушаме една иста расипана плоча, едни исти лаги кажани 100 пати. Колку пати и да излажат, нивната лага нема да стане вистина.
Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, партијата потврден извор на лажни вести, партија која знае само за лаги, деструкции, блокади и антидржавно дејствување. Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ точно знаат дека за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, за македонската историја не се преговара, ниту воопшто некогаш ќе се преговара, но тие свесно одлучуваат да ги лажат граѓаните. Тоа им е јасно на сите, јасно му е и на Мицкоски, но тој мисли само на својата лидерска позиција и затоа свесно бира да лаже.
Лагите на Мицкоски и на малкутемина околу него не поминуваат. Нивните лаги се разобличени и се шест пати казнети од граѓаните. За секоја една лага, Мицкоски се соочи со порази од граѓаните. Колку пати ќе излажат, толку пати ќе изгубат секојпат кога ќе ја побараат довербата од народот. Со вакво антидржавно и антинародно однесување, со лаги и деструкции, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште долго остануваат опозиција“, додаде Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

