Свет
Националната гарда што ќе го обезбедува Капитол за инаугурацијата на Бајден ќе биде вооружена
Силите на Националната гарда кои се моментално распоредени во Вашингтон за да помогнат во зајакнувањето на безбедноста околу зградата на Капитол за Денот на инаугурацијата ќе бидат вооружени, пренесува „Њујорк тајмс“, цитирајќи неименувани претставници на Министерството за одбрана.
Тие се осврнаа на одлуката на армискиот секретар Рајан Мекарти кој претходно рече дека војниците на Националната гарда стационирани околу Капитол на 20 јануари ќе носат оружје.
Во понеделникот претседателот Доналд Трамп одобри декларација за вонредна состојба за Вашингтон во пресрет на 59-тата претседателска инаугурација, која ќе остане на сила до 24 јануари и има за цел да ги заштити јавното здравје и безбедност во областа Колумбија.
На почетокот на оваа недела Пентагон овласти до 15.000 лица од Националната гарда од целата земја да бидат распоредени во Вашингтон за поддршка на полицијата пред и за време на инаугурацијата на Бајден.
Претставници на Министерството за одбрана рекоа дека дури и трупите на Националната гарда директно вклучени во обезбедувањето на комплексот Капитол и распоредени на друго место во областа Вашингтон, „нема да бидат далеку“ од своето оружје.
Нивните коментари уследија по изјавата на генералот Даниел Р. Хокансон, шеф на Бирото за национална гарда, во понеделникот, дека сакаат овие лица да имаат право на самоодбрана и дека ако високото раководство утврди дека тоа е правилна одлука, „тогаш тоа е нешто што ќе го сториме “.
Распоредувањето на Националната гарда во Вашингтон доаѓа во време на извештаи дека ФБИ се подготвува да се справи со вооружени протести што се планираат во сите 50 главни градови низ целата земја, вклучително и во пред Капитол, во деновите пред инаугурацијата на Бајден.
„ФБИ доби информации за идентификувана вооружена група која има намера да отпатува во Вашингтон на 16 јануари. Тие предупредија дека ако Конгресот се обиде да го отстрани ПОТУС преку 25. амандман, ќе се случи огромно востание“, се тврди во меморандумот на ФБИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Филмски напад во Италија: разбојници дигнаа во воздух возила за транспорт на пари
Драматичен вооружен напад врз возило за транспорт на готовина се случи утрово на автопатот во Италија, кој ги поврзува Лече и Бриндизи. Инцидентот се случил во близина на градот Тутурано, а според првичните информации, имало и пукање, објавува „Раи њуз“.
Во брза операција на полицијата во Лече се уапсени две лица осомничени дека се членови на банда. Тие беа лоцирани во северната област Саленто, каде што органите на редот веднаш започнаа потрага. Истрагата е во полн ек бидејќи се бараат и други членови на групата.
Un furgone portavalori è stato assaltato sulla statale 613, la superstrada che collega Lecce a Brindisi, all’altezza di Tuturano. Secondo le prime informazioni, ci sarebbe stato un conflitto a fuoco con i Carabinieri, ma non risultano feriti. Le immagini mostrano il momento in… pic.twitter.com/CcuqIu5kaf
— La Sicilia (@lasiciliait) February 9, 2026
Според написите, напаѓачите дигнале во воздух две возила за транспорт на готовина, објавува „Раи њуз“.
За да го нападнат, разбојниците блокирале друго возило на патот и го запалиле. Пожарникарите и полицијата веднаш пристигнале на местото на настанот.
По нападот, државниот пат Бриндизи-Лече беше привремено затворен за сообраќај во двата правци. Според компанијата Анас, одговорна за одржување на патиштата, затворањето се однесува на делница од 8,3 до 12,8 километри, во областа Сан Пјетро Вернотика. Екипите на Анас и полицијата се на местото на настанот, го регулираат сообраќајот и работат на воспоставување нормални услови што е можно поскоро, се вели во соопштението.
Свет
Макрон: Случајот Епстин ги засега САД, американското судство нека си ја врши работата
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека американското судство треба да си ја врши работата во истрагата на аферата поврзана со американскиот осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
За време на посетата на Саемот за вино во Париз, Макрон изјави дека случајот Епстин „првенствено ги засега Соединетите Американски Држави“, пренесува „Фигаро“.
„Во тој случај, тамошното судство треба да си ја врши работата, и тоа е сè“, рече Макрон.
Во врска со поранешниот француски министер за култура Жак Ланг, кој е под истрага за неговите врски со Епстин и кој под притисок поднесе оставка од функцијата директор на Институтот за арапскиот свет, Макрон рече дека Ланг „донел одлука според својата совест“, пренесува Танјуг.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА

