Свет
ЕК ги предупреди земјите членки да не се обидуваат сами да набавуваат вакцина

Комесарката за здравство на Европската Унија, Стела Киријакидес, ги предупреди земјите членки на ЕУ да не се обидуваат да склучат одделни договори за набавка на вакцини против коронавирусот бидејќи тие со заеднички договор ѝ го пренеле тоа право на Европската комисија.
„Дозволете ми да ве потсетам дека со одобрување на договорот за делегирање на преговорите за набавка на вакцини на Европската комисија вие се согласивте да не почнувате сопствени процедури за набавка на вакцини со овие производители“, им порача Киријакидес на министрите за здравство на земјите членки разговарајќи за здравствената состојба во ЕУ.
Земјите членки на ЕУ во јуни минатата година ѝ дадоа мандат на Европската комисија да преговара и да склучува договори за набавка на вакцини во нивно име.
Информациите дека Германија склучила билатерален договор со „Бионтек“ и „Фајзер“ за купување дополнителни 30 милиони дози крена голема прашина. Исто така, Кипар се обиде да склучи договор со Израел за набавка на вакцини.
„Ги разбирам јавниот притисок во земјите членки и стравот на граѓаните, но склучувањето паралелни договори само го поткопува европскиот пристап, што веќе даде резултати“, рече комесарката.
Европската комисија досега има потпишано договори за набавка на вакцини од шест производители, од кои две веќе се одобрени за употреба, а тоа се вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и на „Модерна“.
Вакцините се дистрибуираат до земјите членки според нивниот удел во вкупната популација на ЕУ.
„Ројтерс“ објави дека американската компанија „Џонсон и Џонсон“ објавила дека најверојатно ќе аплицира за одобрување во ЕУ во февруари. ЕУ нарача 200 милиони дози од оваа компанија и има опција да нарача уште толку.
Вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се дава во една доза за разлика од двете веќе одобрени за кои се потребни две дози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.