Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако немало анекс на договор зошто СДСМ не испрати демант до Каракачанов
Ако немало анекс на договор зошто СДСМ не испрати демант до Каракачанов, кој кажува дека анекс има, СДСМ е главен извор на заразата лажни вести, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Очигледно е дека СДСМ и нивниот шеф Зоран Заев стравуваат да ја кажуваат вистината па затоа секојдневно пласираат лажни вести преку нивните соопштенија и прес-конференции. Можеби е време СДСМ и Зоран Заев да излезат и да ја кажат вистината на македонската јавност за сите горчливи прашања што ги засегаат.
СДСМ и Зоран Заев залудно се обидуваат да го сокријат Аанексот кој им е врачен од Бугарија. Анекс со 12 точки е доставен до оваа ненародна влада во кој се бара ревидирање на историјата, промена на образовниот систем и идентитетските прашања. Овој анекс власта на Заев веќе го преговара, што покажува дека Заев и СДСМ веќе тргуваат со историјата и идентитетот.
СДСМ и Зоран Заев залудно се обидуваат да ја сокријат сиромаштијата во Македонија, бројките секој ден ги демантираат. Поради „успешната“ политика на оваа влада, има над 50.000 невработени лица, над 500.000 сиромашни граѓани кои го поминуваат денот со едвај 130 денари.
СДСМ и Зоран Заев залудно се обидуваат да ја сокријат неспособноста со справување со Ковид-19. Регионот започна со вакцинација, а Филипче сè уште не знае точно кога во Македонија ќе пристигнат вакцините за да започне процесот на вакцинација. Лажните вести на СДСМ брзо се демантираат“, соопшти партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

