Свет
Турција ја погоди суша, Истанбул може да остане без вода за 45 дена
Поради слаби дождови и долг период на суша, на големите градови во Турција им се заканува недостиг на вода во следните неколку месеци. Во Истанбул има вода за помалку од 45 дена.
Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, претходно овој месец рече дека турскиот главен град има вода во брани и резервоари за само 110 дена. Измир и Бурса, следните два најголеми града во Турција, исто така се борат со недостиг на вода, а земјоделците во областите за производство на пченица предупредуваат на можна пропаст на земјоделските култури.
Во втората половина на 2020 година Турција имаше рекордно слаби врнежи од дожд, а Дирекцијата за верски прашања минатиот месец побара од верските водачи да се молат за дожд, пишува „Гардијан“.
Турција одамна му дава приоритет на економскиот раст пред загриженоста за животната средина и останува единствената земја Г20, освен САД, што сè уште не го ратификувала Парискиот договор од 2015 година.
„Сите знаат дека водните сливови мора да се зачуваат, особено поради ваквите епизоди на суша кои стануваат сè потешки и потрајни. Но, во Истанбул, главните области на сливот, како што се некои преостанати шуми и земјоделско земјиште, се претвораат во урбани области. Нов аеродром, нов мост, нови фреквентни патишта и автопатишта, ништо од ова нема да го реши проблемот со сушата во Турција“, рече Умит Сахин, кој предава климатски промени и политика на заштита на околината на Универзитетот Сабанчи во Истанбул.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.