Македонија
(Видео) Петровска: Реализацијата на пописот е патриотски чин
Законот за попис на населението е во собраниска процедура и со неговото усвојување се создаваат сите услови за одржување на попис оваа година, изјави Славјанка Петровска од СДСМ. Според неа, реализацијата на оваа статистичка операција е патриотски чин.
„Попис, по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и согласно прописите на Евростат. По цели 19 години на нашата земја и е неопходен попис. За да може подобро и рамномерно да се развива, за креирање нови долгорочни развојни политики. Тоа е во интерес на државата, на народот, на сите наши граѓани. Затоа велиме дека реализацијата на оваа статистичка операција е патриотски чин“, вели Петровска.
Таа вели дека Мицкоски мора да сфати дека пописот е статистичка операција, а не политичка.
„А за својата борба за фотелјата во белиот дворец треба да си бара други начини наместо да блокира сè што е во интерес на граѓаните и државата. Тој е против сè, а не знае зошто. Се обидува да блокира сè, без никаква одговорност кон државата и без осет за потребите на граѓаните. Дури повикува на бојкот на пописот. Зошто, не знае ниту тој. Помалку граѓани Македонци да излезат? Да бидеме единствена земја без попис? Ние немаме намера да му дозволиме на ВМРО-ДПМНЕ да спречи уште еден попис“, рече Петровска.
Таа ги повика сите пратеници да го поддржат законското решение.
„Државата има електронски регистар на население кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со податоците на други 10 институции и проверени. Што значи не е возможно да се попишат лица кои не постојат. Без разлика колку и да не им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, попис оваа година ќе има по меѓународни стандарди. Тоа е важно за економијата, за целокупното наше општество, за развојот на нашата држава и ние сме должни тоа да го овозможиме“, рече пратеничката од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

