Македонија
(Видео) Милошоски: Пописот треба и мора да се реализира, но не ваков каков што сака да го направи СДСМ
На денешната седница на Собранието се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој зборуваше за законот за попис, методологијата за неговото донесување, како и моментната ситуација со пандемијата на Ковид-19, која директно влијае врз одржувањето на пописот.
Во однос на донесувањето на законот за попис, Милошоски вели дека тој не само што има обид да се донесе на сила, туку и законот каков и да се донесе, не е исто што и неговото реализирање. Според Милошоски, пописот е операција што не треба да се спроведе за само да му пројде редот, туку да има значење и граѓаните да ги знаат точните информации во однос на населението во државата.
„Република Македонија сè уште се соочува со пандемијата на Ковид-19 и тоа е огромна причина да се размисли дали во моментот е потребен попис, кој ниту ќе биде релевантен ниту ќе придонесе за прецизирање одредени податоци“, изјави Милошоски, според кој голем број земји ги одложиле пописите што требало да се направат кај нив оваа година, само поради лошите и поразителни бројки на починати и заболени од Ковид-19.
„Не е нормално во време кога навистина се бориме со пандемија да ризикуваме дополнително со животите на граѓаните. Германија, Бугарија и уште низа земји ги одложија пописите што беа предвидени за оваа година и ги преместија за 2022 година. Политичарите кај нас, доколку размислуваат зрело, треба да ги направат истите чекори и пописот да не биде избрзан и фингиран, а потоа да се чекаат нови 20 години за нов попис“, додаде Милошоски.
Тој потенцира дека пописот треба и мора да се реализира, но не сега во овој момент и под вакви услови. Со мало пролонгирање на пописот, ќе се избегнат лоши ситуации во однос на пандемијата и ќе се изработи модел преку кој пописот ќе го добие своето вистинско значење и неговото реализирање ќе придонесе со нови точни статистички податоци за населението во државата, заврши Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

