Свет
Во Капитол приведен вооружан маж
Полицијата приведе маж во Капитол Хил кој со пиштол и муниција се обидел да помине преку контролен пункт со лажни документи, јави Си-Ен-Ен.
Според телевизиските извори, уапсениот се обидел со автомобил да влезе во ограничена област недалеку од зградата на Конгресот на САД.
Човекот имал пиштол во неговиот автомобил. Покрај тоа, биле пронајдени околу 500 парчиња муниција, вклучително и ловџиска пушка. Мажот бил приведен и обвинет за нелегално поседување оружје, додаде телевизијата.
Безбедносните мерки во Вашингтон се засилени пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари. Голем дел од центарот на градот е затворен за сообраќај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Коалиција на волните во Париз: ЕУ нуди гаранции за Украина, САД се подготвени да интервенираат
Се очекува европските земји денес да ја изразат својата подготвеност да обезбедат правно обврзувачки безбедносни гаранции за Украина, додека од САД се очекува да се обврзат на „клучна улога“ во нивното спроведување, вклучително и интервенција во случај на нов руски напад, според нацрт-заедничката декларација од состанокот на таканаречената коалиција на волните во Париз.
Коалицијата на волните, неформална група земји кои изразија подготвеност да ја гарантираат безбедноста на Украина по прекинот на огнот со Русија, се состана денес во Елисејската палата, под домаќинство на францускиот претседател Емануел Макрон.
САД во Париз ги претставуваат Стив Виткоф, претставник на Вашингтон за преговори со Москва, и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател и еден од преговарачите за мир во Украина.
Според нацрт-декларацијата, европските лидери ќе ја прогласат својата подготвеност да обезбедат „правно обврзувачки“ безбедносни гаранции за Украина. Овие гаранции би вклучувале меѓународни сили, „поддржани“ од американски ресурси.
Во документот се нагласува дека способноста на Украина да се брани е клучна за нејзината иднина, како и за пошироката евроатлантска безбедност. Исто така, се наведува дека членовите на коалицијата и САД „се подготвени да играат клучна и тесно координирана улога“ во системот на безбедносни гаранции.
Нацртот, исто така, предвидува воспоставување на „долгорочен и сигурен“ механизам за следење на спроведувањето на прекинот на огнот, со кој претседаваат САД со меѓународно учество.
Коалицијата, со поддршка од САД, се согласи да продолжи со воената помош за Украина, која во документот се опишува како „прва линија на одбрана и одвраќање“. Ова вклучува нови пакети за воена помош, поддршка за финансирање на украинските вооружени сили и обезбедување пристап до снабдување со оружје во случај на идни конфликти.
Според нацртот, сите мировни сили во Украина би биле предводени од европски земји, додека САД би придонесувале со разузнавање и логистика, а во случај на напад, со вооружени сили.
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Свет
Москва: Венецуела треба сама да ја одреди својата судбина без надворешно мешање
Руското МНР денес соопшти дека го поздравува назначувањето на Делси Родригез за привремен претседател на Венецуела, додавајќи дека жителите на Венецуела треба сами да ја одредат својата судбина без надворешно мешање.
Сменетиот венецуелски претседател Николас Мадуро вчера во Њујорк се изјасни за невин по обвиненијата за трговија со дрога, откако беше заробен од американските специјални сили, во рација. Операцијата ја разбранува политичката сцена во Каракас, каде што лидерите брзо се прегрупираат.
„Важно е, пред сè, да се спречи понатамошна ескалација“
Министерството за надворешни работи на Русија преку соопштението информираше дека ги поздравува напорите на венецуелските власти да го заштитат својот суверенитет и националните интереси.
Русија во саботата го осуди нападот на САД врз Венецуела и повика на спречување на ескалација и обид за наоѓање решение преку дипломатски средства. Нагласи дека изговорите за акцијата се „неосновани“, поддржувајќи го барањето на лидерите на Венецуела и Латинска Америка за итен состанок на Советот за безбедност на ОН.
„Во сегашната ситуација, важно е, пред сè, да се спречи понатамошна ескалација и да се фокусираме на наоѓање излез од ситуацијата преку дијалог“, повика Москва.
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за национална безбедност на Русија, во неделата изјави дека Латинска Америка се смета за „двор“ на САД и дека Трамп се чини дека сака контрола врз нафтените залихи на Венецуела, нарекувајќи ги постапките на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела нелегални.

