Македонија
(Видео) Митева: Како Дарко Каевски со државна плата за една година стекнал имот од три стана и куќа?

Како Дарко Каевски со државна плата за една година стекнал имот од три стана и куќа, дали играат улога пари стекнати од услуги кон државата, прашува Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пратеникот од редовите на СДСМ и поранешен директор на АМС, Дарко Каевски, само во последната година го зголемил својот недвижен имот за речиси 170 квадратни метри станбена површина. Каевски во анкетниот лист навел дека новостекнатиот недвижен имот е стекнат по пат на наследство исто како и претходните недвижности. Неговиот имот брои три стана, куќа и деловен простор. Дали ова е начин да се скрие вредноста на стекнатиот имот поради што би се отвориле прашања како и на кој начин е стекнат имотот? Како со државна плата се обезбедува толкав имот и колку време му е потребно на работник со просечна плата да го обезбеди ова ниво на стекнат имот“, праша Митева.
Според неа, се поставува прашањето на кој начин Каевски ги стекнал средствата за купување на овие недвижности и дали при тоа купување имаат улога финансии стекнати преку вршење услуги кон државата?
„Јавноста очекува одговори. Дали е ова начин на кој се добива наградата на сметка на државата? Дали СДСМ од носителите на јавни функции создава млади политичари со големи сметки“, праша Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во потрага по храна, мечка се качи на тераса од семејна куќа во Тетовско

Мечка се качила на тераса од семејна куќа во тетовското село Отуње.
Членовите на семејството биле во внатрешноста на куќата, па со мобилен телефон ја снимиле мечката качена на маса каде имало оставено храна, пишува „Тетово инфо“.
Според објавеното и во другите блиски села како Сетоле и Једоарце летово биле забележани слични примери на камери за видеонадзор.
„Мечките во потрага по храна, се движат низ селото, уништуваат сандаци со пчели и слично“.
Македонија
ОЈО со детали за големата акција: 13 лица под истрага за даночно затајување, перење пари и даночна измама, тргувале со горива

Денешната акција спроведена на повеќе локации низ државата е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тесна соработка со Управата за финансиска полиција, соопшти обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен обвинител од ОЈО ГОКК донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.
Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. До сега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.
Македонија
Муцунски-Јан Копман: разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, во фокусот и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Брисел, Кралството Белгија. Во рамки на посетата, денеска оствари средба со генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман.
На средбата беа разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, посветеноста на Владата да испорачува видливи резултати од реформските процеси, како и за Планот за раст како дел од пошироката европска поддршка за регионот. Муцунски нагласи дека Владата во изминатата година демонстрираше сериозна посветеност во исполнувањето на обврските од реформската агенда, постигнувајќи значителен напредок, особено во областите на дигитализацијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, при што истакна дека овие приоритети остануваат во фокусот на Владата и во наредниот период.
Се разговараше и за регионалната соработка, при што беше нагласена активната улога и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на регионалните иницијативи, како и кон стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Соговорниците се осврнаа и на актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа. Во таа насока беше потенцирана важноста од продолжување на поддршката за Украина и потребата од заеднички, координиран пристап во справувањето со последиците од руската агресија.
Во фокусот на разговорот беше и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“, насочена кон постепено укинување на трошоците за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува да биде донесена на почетокот на следната година.
Муцунски уште еднаш ја потврди цврстата посветеност на Република Северна Македонија кон процесот на европска интеграција како еден од стратешките приоритети во надворешната политика. Тој ја истакна и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и значењето на стратешкото партнерство со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната.