Македонија
Филипче: Спремни сме да ги примиме вакцините од Србија

Министерот за здравство, Венко Филипче, пред денешниот разговор за вакцините од Србија вели дека не постојат пречки ковид-вакцините да пристигнат во Македонија.
„Сметам дека ние тука сосема добро може да го спроведеме процесот на имунизација и благодарам на поканата, но ние ќе останеме тука да ги вакцинираме сите наши граѓани“, рече Филипче.
Тој вели дека измената во Законот за лековите доаѓа по специфичното барање на „Фајзер“, кое е донесено на глобално ниво.
Во однос на мерките и препораките за заштита од коронавирусот, Филипче нагласи дека тие продолжуваат да бидат во сила и покрај намалениот број новозаболени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителство чешла документи, Армијата мери токсини по пожарот во Трубарево, се чека и на резултатите од министерството на Меџити

Во врска со големиот пожар што зафати магацински објекти во селото Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека презеле дејствија за утврдување на фактите и обезбедување на докази за понатамошната постапка.
Јавниот обвинител упати барање до Началникот на Генералштабот на Армијата за ангажирање на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана. Припадниците на единицата со специјални инструменти извршија мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. Првичните резултати од мерењата веќе се доставени до обвинителството.
Покрај тоа, се очекуваат и резултати од надлежните служби при Министерството за животна средина, кои ќе дадат дополнителни податоци за степенот на загаденоста.
Обвинителството издаде наредби за прибирање на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во наредниот период, откако ќе се обезбедат информации за видот на складираните материјали, ќе биде наредено и вештачење за да се утврди видот на контаминацијата и последиците врз животната средина.
Моментално, во опожарениот објект не постојат услови за увид на лице место поради опасноста, а полициските службеници и натаму го ограничуваат пристапот на сите неовластени лица и лица без соодветна заштитна опрема.
Македонија
(Видео) Се’ уште чади во Трубарево преку песокот со којшто е затрупан отпадот, спречено е ширење на пожарот

Благодарение на брзата и координирана акција на скопските пожарникари, спречено е ширење на големиот пожар што вчера избувна во Трубарево, во магацини со пластичен и електронски отпад, изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што рече, со навременото делување спасени се четири објекти, но и голема количина на пластичен отпад до која не дошол огнот.
И покрај тоа, чадењето сè уште е присутно од под песокот со кои се затрупани литумските батерии. Пожарникарите во моментов работат на навлажнување на песокот за целосно догаснување, со оглед на тоа што ваквиот вид отпад е исклучително тежок за гаснење, рече Ангелов.
Паралелно, околу 2:30 часот по полноќ, екипи на скопската противпожарна бригада интервенирале и на депонијата Дрисла, каде биле забележани пламени јазици. Се работело за испарување на гас, а брзата интервенција спречила опасност пламенот да го зафати главниот дел од депонијата.
„Состојбата во Дрисла е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел, бидејќи најмалку половина од местото што гореше вчера е веќе покриено. Дел од механизацијата беше пренасочена во Трубарево,“ изјави Ангелов.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека ги подметнува пожарите на депониите

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ги обвини опозициската СДСМ и ДУИ за намерно подметнување на пожарите околу Скопје.
„Хипокризијата кај СДС е се поизразена – наутро сеат страв со повици граѓаните да седат дома, а навечер прават журки во Градски парк, во меѓувреме се занимаваат со специјалноста палење депонии, одговорност ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека честите пожари во депониите не се случајни, туку се организирани од двете партии, и најавуваат одговорност за секој што, како што наведуваат, „игра со здравјето на граѓаните заради власт“.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера кога избувна големиот пожар во Трубарево во фирма која се заминава со елекронски отпад и пластика го впери прстот во опозициските партии. Од друга страна, СДСМ за состојбата со пожарите на депониите ги обвини кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на СДСМ, Венко Филипче, вчера преку својот профил на Фејсбук упати јавна реакција за пожарот во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните. Тој ги повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.