Македонија
На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 584 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 584 пациенти позитивни и суспектен на коронвирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во инфективните оддели во главниот град се лекуваат вкупно 310 пациенти позитивни и суспектен на коронвирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 32 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 28 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 15 пациенти, во Велес се лекуваат 20 болни, а во Куманово 45 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 29 во ковид центарот во Гостивар 17, а во Струга 16 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 21 пациенти, во Кочани 1 во Кичево 15, Кавадарци 17, во Гевгелија 3 лица, а во Дебар 11 позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Во главниот град и во болниците низ земјава има околу 590 празни болнички кревети. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

