Свет
Британски експерт: Вакцинираните луѓе пак можат да го шират вирусот
Луѓето кои примиле вакцина против Ковид-19 сепак може да го пренесат вирусот на други и треба да продолжат да ги следат мерките за „локдаун“, предупреди главниот британски специјалист за грип.
Пишувајќи во „Сандеј телеграф“, професорот Џонатан Ван-Там појаснува дека научниците „сè уште не го знаат влијанието на вакцината врз трансмисијата“. Тој вели дека вакцините нудат „надеж“, но стапките на инфекции мора брзо да се намалат.
Оваа недела ќе се отворат уште 32 места за вакцини низ Англија. Ван-Там додава дека „ниту една вакцина никогаш не била ефикасна“ 100%, така што нема гарантирана заштита.
Тој предупредува дека е можно човек повторно да се зарази со вирусот во период од две до три недели по добивањето на вакцината. Па според него, „подобро е“ да се дозволи „најмалку три недели“ за имунолошкиот одговор во целост да се развие кај постарите луѓе.
„ Дури и откако ќе ги примите и двете дози на вакцината, сепак може да му пренесете Ковид-19 на некој друг и синџирите на пренесување ќе продолжат. Ако го промените однесувањето, се уште би можеле да го ширите вирусот, да го одржувате високиот број на случаи и да ги изложувате на ризик другите, на кои исто така им е потребна вакцината, но се подолу во редот за вакцинација“ нагласува професорот Ван-Там.
Докторите ги повикаа здравствените власти во Англија да го намалат јазот помеѓу првата и втората доза на вакцината Фајзер-БионТех. Максималното чекање беше продолжено од три на 12 недели со цел да се добие првата доза на повеќе луѓе низ Велика Британија.
Но, Британското лекарско здружение соопшти дека политиката е „тешко да се оправда“ и дека јазот треба да се намали на шест недели, бидејќи постои загриженост дека вакцината може да стане помалку ефикасна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

