Македонија
Новиот британски вид на коронавирусот не е детектиран според последните анализи на МАНУ

Министерството за здравство информира дека заклучно со 11 јануари 2021 година не е утврдено присуство на SARS-CoV-2 вирусот од Велика Британија во нашата земја. Овие наоди се базирани на податоците од лабораторијата на ИЦГИБ-МАНУ добиени при анализа на геномите на близу 180 SARS-CoV-2 вируси кај пациенти од Република Северна Македонија дијагностицирани во периодот јуни 2020 – 11 јануари 2021 година.
„Во лабораторијата во Македонска академија на науките и уметностите се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со Ковид-19 од нашата држава со цел да се утврдат видовите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста. Последните податоци се однесуваат на анализа на 50-тина геноми во периодот декември 2020 – 11 јануари 2021 година“, се вели во извештајот.
Од почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми при што е утврдено присуство на 20-ина видови на вирусот.
„Соевите се изолирани од пациeнти од различни градови од државата. Од присутните видови на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75% од пациентите. И двата вида се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 видот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија итн) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 видот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти.
Ова зголемување кај B.1.1.70 видот корелира со присуство на дополнителна мутација (Q677H) во -S-генот (spike протеинот) на вирусот која е за првпат детектирана во јуни 2020 кај пациент со Ковид-19 од Охрид и овој варијантен сој е доминантен од месец ноември наваму во нашата земја. Истиот во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска. И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, согласно епидемилошките податоци за стивнување на епидемијата во нашата земја во последниот период, се претпоставува дека варајантниот вид не е поврзан со зголемена трансмисивност ниту, пак, со тежината на клиничката слика на заболените“, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Повторно излезе од контрола пожарот во Јасен

Состојбата со пожарот во ловиштето Јасен е променлива, и во моментот не е воспоставена контрола, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Пожарот во ловиштето Јасен на едно место ни избегна од контрола иако цело утро истуравме тони и тони вода“, рече Ангелов.
Во прилог на видеото, директорот посочи дека повторно во еден дел може да се забележи силно разгорување, преку патот каде што преминал огнот.
Дополнителен проблем е и ветрот кој за сето време засилено дува.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно денес соопшти дека пожарот најверојатно, според сведочењата на очевидците, бил разгорен по удар од гром.
Македонија
Според очевидците пожарот кај Јасен бил разгорен од удар на гром, Мицкоски вели се прават натчовечки напори

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување беше во ловиштето „Јасен“, каде што веќе неколку дена вработени во ДЗС, припадници на специјалните единици на МВР и Министерството за одбрана се борат со пожарот.
„Пожарот е делумно под контрола, иако во позадина има огромни јазици пламен. Дејствуваат воздухоплови, Ер трактори и хеликоптери, а се надевам дека наскоро ќе биде ставен под целосна контрола“, изјави Мицкоски, додавајќи дека се прават натчовечки напори при неговото гаснење.
Тој посочи дека вчера на територијата на државата имало околу 34 активни пожари, од кои 33 биле изгаснати, а денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, без активни пожари, иако состојбата се менува од минута во минута.
Премиерот упати благодарност до сите кои учествуваат во гаснењето и потсети на тешката состојба со пожари на Балканот, каде што во некои држави има и човечки жртви.
Мицкоски апелираше граѓаните да се придржуваат кон забраната за движење во шуми и наведе дека според сведочењата на терен, пожарот во „Јасен“ е предизвикан од удар на гром.
Македонија
Уште гори кај Јасен – регистрирани седум пожари во државата

До 12 часот денеска во земјата се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден е под контрола, а три се изгаснати.
Активни пожари има во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод, на Октишка Краста во општина Струга и во атарот на селото Могила во истоимената општина, соопшти ЦУК.
Под контрола е пожарот меѓу селата Радуша и Дворце во општина Сарај, а изгаснати се пожарите кај селото Челопеци во општина Кичево, кај селото Крапа во општина Македонски Брод и во атарот на селото Нерав, местото наречено Биљино, во општина Крива Паланка.