Свет
Бајден: САД до лето може да имаат колективен имунитет

Американскиот претседател Џозеф Бајден очекува дека САД до лето ќе бидат на добар пат кон постигнување колективен имунитет, бидејќи новиот план е да се вакцинираат 1,5 милион граѓани на ден.
Дистрибуцијата на вакцини на милиони Американци ќе биде, како што рече, логистички предизвик што надминува сè што досега беше испробано во САД, објави „Индипендент“.
„Мислам дека можеме да го сториме тоа. Убеден сум дека до летото ќе бидеме на добар пат да добиеме колективен имунитет или да вакцинираме 300 милиони Американци”, рече Бајден.
Бајден рече дека е убеден дека САД можат да го поразат коронавирусот, но дека ќе мора да се справуваат со ковидот и на почетокот на есента.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шмит: Додик ја загрозува безбедноста на БиХ

Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, денес пред Советот за безбедност на ОН изјави дека постапките на властите на Република Српска опасно го загрозуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот договор.
На сесијата одржана во Њујорк, високиот претставник го презентираше својот редовен шестмесечен извештај за ситуацијата во Босна и Херцеговина и истакна дека Дејтонскиот договор бил нападнат, што довело до невидена криза.
„Да бидеме јасни. Тековната криза е резултат на сериозни напади од страна на одредени политичари врз Дејтонскиот договор и правниот поредок во БиХ“, рече Шмит на седницата на Советот за безбедност.
Тој посочи дека овие напади уследија по пресудата на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој беше осуден на една година затвор, кога властите на РС се обидоа со своите закони да го спречат работењето на државните судски органи и безбедносните агенции во тој ентитет.
„Тој (Додик) дури и ја посочи можноста за отцепување“, рече Шмит, предупредувајќи дека е во тек „кулминација на долго планираните политики“.
„Станува збор за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата“, оцени високиот претставник, додавајќи дека е охрабрувачки што најголемиот број Срби вработени во властите на БиХ не ја следеле реториката на Додик.
Тој оцени дека во такви околности е важно меѓународната заедница јасно да ја поддржи територијалната целовитост и суверенитет на БиХ врз основа на Дејтонскиот договор.
Американскиот амбасадор Џон Кели потврди дека САД и администрацијата на Доналд Трамп остануваат посветени на стабилноста на Босна и Херцеговина и на Дејтонскиот договор. „САД цврсто се спротивставуваат на сецесијата и дестабилизирачката реторика“, рече Кели, изразувајќи јасна поддршка за високиот претставник.
Претставничката на Велика Британија и воедно специјална пратеничка на земјата за Западен Балкан, Карен Пирс, изјави дека прашањето за БиХ е клучно за стабилноста на Европа, а Додик ГО оцени како личност која претставува закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Таа силно го поддржа Високиот претставник и потребата тој да ги користи своите овластувања во сегашните околности.
Рускиот амбасадор Василиј Небензја се спротивстави на тоа што на Шмит му беше дозволено да се појави како висок претставник уште на почетокот на седницата, но неговиот приговор беше одбиен. Потоа Небензија ја напушти салата во знак на протест, а кога се врати, за време на дискусијата го обвини Шмит за дестабилизација на БиХ по наредба на Западот и ја бранеше политиката на Милорад Додик и неговите соработници.
„Би било добро да се ослободат жителите на БиХ од надворешни влијанија што ја трујат атмосферата“, рече рускиот амбасадор.
Свет
Израелски министер: Газа ќе биде целосно уништена, жителите раселени

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, денес изјави дека Појасот Газа ќе биде „целосно уништен“ по војната меѓу Израел и Хамас, а неговите жители ќе бидат раселени.
Зборувајќи на конференција на доселениците на Западниот Брег, тој одговори на прашање за тоа како би изгледала победата во Појасот Газа за него.
„Газа во целост уништена“, рече тој.
Смотрих понатаму изјави дека жителите треба да бидат концентрирани во „хуманитарна зона“ на крајниот југ од крајбрежниот појас, јужно од поранешната израелска населба Мораг.
Оттаму, тие треба да ја напуштат Газа во голем број и да се преселат во други земји.
Министерот тврдеше дека во рок од шест месеци нема да има повеќе Хамас во Газа.
Израелската влада ѝ нареди на армијата да го окупира Појасот Газа и да одржи долгорочна окупација. Десетици илјади резервисти се мобилизирани за голема офанзива.
Според владини извори, планот вклучува и преселување на палестинското население од север кон југ од територијата.
Владата изјави дека нејзина цел е да ја победи палестинската исламистичка терористичка организација Хамас и да обезбеди ослободување на заложниците што ги држат исламистичките екстремисти.
Сепак, крајно десничарските политичари како Смотрич, исто така, се залагаат за повторно воспоставување на израелски населби во Газа, од кои Израел се повлече пред 20 години, пренесуваат медиумите во светот.
Свет
Руско предупредување до Киев: „Ќе одговориме соодветно на украинските напади“

Москва ќе одговори соодветно ако Киев продолжи со обидите да ја нападне Русија за време на денот на примирјето во чест на 80-годишнината од победата во Втората светска војна, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Секако, иницијативата на претседателот Владимир Путин за привремен прекин на огнот за време на празниците е актуелна. И соодветните инструкции ги даде врховниот командант. Но, тука сакам да ве потсетам на нашата позиција. Огнот ќе престане, но ако режимот во Киев не пружа реципроцитет, а обидите за напад на нашите позиции или наши објекти продолжат, тогаш веднаш ќе следи соодветен одговор – рече Песков на прес-конференцијата.
Тој додаде дека соработката на Русија со Соединетите Американски Држави во преговорите за мирно решение на украинската криза продолжува.
Песков истакна дека Русија ги поздравува сите земји кои се подготвени да вложат напори за насочување на конфликтот во Украина кон мирно решение.
Тој оцени дека режимот во Киев продолжува да демонстрира став насочен кон продолжување на војната со Русија.
– Киевскиот режим продолжува да го демонстрира својот пристап, својата позиција. Овој став е насочен кон продолжување на војната – рече Песков.
Русија, со одлука на претседателот на Руската Федерација, прогласи прекин на огнот во текот на деновите на 80-годишнината од Победата. Во овој период, сите воени операции ќе бидат суспендирани, соопшти Кремљ.