Свет
Претседателoт на Таџикистан: Го победивме коронавирусот

Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, изјави дека епидемијата на коронавирус заврши во таа мала и сиромашна земја во Централна Азија.
Според официјалните податоци, таа поранешна советска република, сосед на Авганистан, имала само десетина нови случаи на коронавирус од почетокот на годината и нема смртни случаи поврзани со Ковид-19.
Официјалните податоци, кои се исти повеќе од две недели, покажуваат дека од април минатата година се регистрирани 13.308 лица заразени со коронавирус, 90 починале, додека 13.218 лица закрепнале од болеста. Во моментов нема активни случаи во Таџикистан, кој има 9,5 милиони жители.
„Можеме со сигурност да кажеме дека повеќе нема коронавирус во Таџикистан“, рече претседателот Рахмон (68) во парламентот, но предупреди дека нема опуштање и дека мора да се почитуваат правилата за лична и јавна хигиена.
Претседателот исто така рече дека на сите што ќе дојдат во Таџикистан ќе им биде доделен 14-дневен домашен карантин под надзор на матичните лекари.
Таџикистан, кој е многу сиромашен, има голема дијаспора во Русија и Казахстан.
Властите планираат по девет месеци да ги отворат џамиите следната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украинска делегација во САД се сретна со произведувачите на ракетите „томахавк“

Украинска делегација предводена од шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак е во посета на САД, каде што се сретна со претставници на компанијата „Рејтион“ (Raytheon), производител на ракетите „томахавк“ (Tomahawk), чие набавување Киев долго го посакува. Делегацијата ја сочинуваат и премиерката Јулија Свириденко, секретарот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, заменик-министерот за надворешни работи, Серхиј Кислиција, и амбасадорката во САД, Олга Стефанишина.
Покрај „Рејтион“, тие остварија средба и со „Локид Мартин“ (Lockheed Martin).
Together with Prime Minister @Svyrydenko_Y, NSDC Secretary @rustem_umerov, First Deputy Foreign Minister @SergiyKyslytsya, and our Ambassador to the US @StefanishynaO,
we met with Lockheed Martin and Raytheon. Their tech is saving lives: F-16s and advanced air defense systems are… pic.twitter.com/kfmg5TzgmH— Andriy Yermak (@AndriyYermak) October 15, 2025
„Нивната технологија спасува животи – „ф-16“ и системите за противвоздушна одбрана го штитат украинското небо, а нивните офанзивни решенија ги поддржуваат нашите сили на фронтот“, изјави Јермак.
Прашањето за испорака на ракетите „томахавк“ се очекува да биде тема на средбата меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски оваа недела. НАТО-извори сметаат дека ова оружје може да има значително влијание на бојното поле иако не е пресудно за текот на војната.
Свет
Лондон в година ќе добие такси без возачи

Американската компанија „Вејмо“ објави дека нејзините такси без возачи ќе бидат достапни на улиците на Лондон в година, што ќе го направи британскиот главен град првиот европски град со целосно автономна такси-услуга, пишува „Гардијан“.
Според соопштението на компанијата, возилата првично ќе работат со обучени возачи за безбедност, а целосно автономното возење се очекува да почне во 2026 година по добивањето на потребните дозволи од надлежните британски власти.
„Вејмо“, дел од групацијата „Алфабет“, која е сопственик и на „Гугл“, моментно нуди автономни такси-услуги во Сан Франциско и во неколку други американски градови. Компанијата наведува дека ќе соработува тесно со британското Министерство за транспорт за да обезбеди услови за безбедно воведување на технологијата.
Британската министерка за транспорт Хајди Александар ги поздрави плановите на американската компанија истакнувајќи дека „автономните возила ќе придонесат за нови работни места, инвестиции и поголема достапност на транспортот“.
Целосна имплементација на Законот за автономните возила во Велика Британија се очекува кон крајот на 2027 година, а слични проекти за Лондон најавија и „Убер“ и локалната компанија „Вејв“.
Фото: принтскрин
Свет
Нетанјаху: Хамас ќе очекува пекол ако не го положи оружјето

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас ќе се соочи со пекол доколку не се согласи да го положи оружјето.
„Се согласуваме да му дадеме шанса на мирот“, рече Нетанјаху за „Си-би-ес њуз“.
На прашањето што би значело крај на војната во Газа, тој одговори: „Во предвидлива иднина, не само за Израел туку и за слободниот и цивилизиран свет, неопходно е да се задржи способноста за одбрана бидејќи слободата не е трајна, ниту автоматска“.
„Ако не можете да ги браните слободните општества, тие ќе бидат надвладеани од авторитарни или тоталитарни режими“, додаде тој.
Нетанјаху зборуваше и за Трамп и за заштитата на еврејската држава повторувајќи една од неговите мисли: „Начинот на кој се постигнува мир е преку сила“.
Откога Трамп во понеделник во Кнесетот изјави дека Нетанјаху не е најлесен за договор, израелскиот премиер возврати: „Многу сум цврст кога станува збор за иднината на мојата земја“.
„Кога верувам дека она што се бара од мене е исправно, велам ‘да’, а кога мислам дека треба да кажам ‘не’, тогаш велам ‘не’. Тоа е мојата работа – да ја заштитам еврејската држава и да ја обезбедам иднината на еврејскиот народ“, изјави Нетанјаху.