Македонија
Уранија Пировска: Со новата концепција младите луѓе ќе се описменат за човековите права

За Хелсиншкиот комитет за човекови права, новата концепција за основно образование има пристап којшто ја поттикнува меѓуетничката интеракција и овозможува преку образованието да се пополнува празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници.
„Хелсиншкиот комитет е фокусиран на работата со младите луѓе, нивното описменување кога станува збор за човековите права, за што секоја година организираме школи за човекови права. Она што секогаш ни произлегува како заклучок е дека во нашето општество, во самото образование, фали еден пристап којшто ќе овозможи меѓуетничка интеракција. Во оваа концепција тоа е многу видливо. И многу е важно што пристапот во развивање на меѓуетничката интеракција е многу сличен на оној пристап што ние со години наназад го препорачуваме“, изјави Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Таа беше една од учесничките на денешната дебата за новата концепција за основно образование, со граѓанските организации. Рече дека доколку низ образовниот процес се поттикнува младите луѓе да се запознаваат, да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници, не само што ќе се намали празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници туку и ќе се намали процентот на насилство.
„Податоците од нашите веб-платформи, едната за говор на омраза, другата за кривични дела од омраза, покажуваат дека најголемиот процент и како сторители и како жртви се младите луѓе. Сметаме дека тоа се должи најмногу на тоа што младите луѓе не знаат за различните од себе, не знаат за нивната култура, за нивната историја, за нивните карактеристики. Сметам дека оваа концепција ќе ја пополни оваа празнина“, изјави Пировска.
Многу е важен приодот на оваа концепција кога станува збор за учењето кај младите луѓе затоа што им се остава простор да ги развиваат своите интереси.
„Наставниците ќе бидат фокусирани да ги развиваат афилијациите на младите луѓе, ќе им се остава простор за критичко размислување, нешто што е многу важно, и секако оние воннаставни активности коишто се предвидени, учеството во различни проектни активности, е многу важно“, рече Пировска.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржува концепцијата, ќе ја следи нејзината имплементација и во целиот процес ќе дава забелешки и сугестии, соопшти Министерство за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зеленски: Украина високо ја цени непоколебливата солидарност на Северна Македонија во поддршка на нашата слобода

Украина високо ја цени непоколебливата солидарност и силниот глас на Северна Македонија во поддршка на нашата слобода, достоинство и правото да живееме во мир, напиша претседателот на Украина на социјалната мрежа X, покрај честитката од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, по повод Денот на независноста на Украина.
I sincerely thank President @gogamkd for the warm congratulations on Ukraine’s Independence Day and for the principled and uplifting words of support. Ukraine highly values North Macedonia’s unwavering solidarity and strong voice in support of our freedom, dignity, and the right… pic.twitter.com/jLnA9eBcJY
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 24, 2025
„Искрено ѝ се заблагодарувам на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нејзините топли честитки по повод Денот на независноста на Украина и за нејзините принципиелни и инспиративни зборови на поддршка. Украина високо ја цени непоколебливата солидарност и силниот глас на Северна Македонија во поддршка на нашата слобода, достоинство и правото да живееме во мир“, напиша Зеленски.
Македонија
Герасимовски: Во тек се обуки за наставниот кадар за развивање на вредносниот систем и на моралните норми кај младите генерации

Од денеска, па сѐ до среда, во просториите на Младинскиот центар „Матично“ се одржува серија обуки на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека обуките се наменети за директорите на основните и средните училишта, еден стручен соработник од секое училиште, како и избрани наставници кои активно се вклучени во воспитно-образовниот процес.
„Предавачи на обуките се искусните професорки Татјана Стојаноска Иванова, Анета Бараковска, Калина Сотироска Иваноска и Софија Георгиева од Институтот „Европски соѕвездија“, кои ќе пренесат современи методологии и практики за развивање на вредносниот систем и моралните норми кај младите генерации. Како општина, редовно организираме вакви обуки со цел да обезбедиме континуирана поддршка на младите и да го унапредиме воспитно-образовниот процес. Инвестирањето во едукацијата на наставниците и стручните соработници е вложување во иднината на нашите деца. Со вакви активности градиме здрави генерации кои ги почитуваат вистинските вредности“, вели Герасимовски.
Македонија
Во Кичево поставен првиот млекомат за свежо млеко во државата

Во центарот на Кичево денеска официјално беше ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија.
Жителите на Кичево и околината имаат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.
Млекоматот е обезбеден со средства од Европската Унија преку проектот АгроСмарт, спроведуван од МРФП – Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности.
„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење“, рече Станоја Станојовски од Манастирот „Света Богородица Пречиста“, која е дел од Земјоделската задруга Крнино.
„Млекоматот е пример како треба да се одвива модернизацијата на македонските фарми и да се осовременува продажбата на локалните земјоделски производи со достапните средства од Европската Унија“, рече Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, која го спроведува проектот АгроСмарт, финансиран од ЕУ.
На настанот присуствуваше и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој рече дека модернизацијата на земјоделството е во фокусот и на политиките и програмите на Министерството.
Дел од промоцијата беше и посета на фармата со крави во близина на манастирот „Света Богородица Пречиста“, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарата за производство на млечни производи.