Македонија
(Видео) Заев: Празникот Свети Сава е потврда за нашите заложби за заедништво, меѓусебно разбирање и почитување

Претседателот на Владата, Зоран Заев, вечерва со видеообраќање на свечената академија, што се одржа онлајн по повод 27 Јануари, Свети Сава, ѝ го честита националниот празник на српската заедница во нашата земја.
„Славењето на овој голем празник, кој е од особено значење за српската заедница, е потврда и за нашите заложби за заедништво, меѓусебно разбирање и почитување, кое го негуваме во Северна Македонија. Нашето општество е мозаик од вредности, мозаик од различности. Токму различностите се богатство и водилка кон развојот и напредокот на нашата држава, која успешно покажува дека може да се гради како едно општество за сите.
Преку одбележувањето и славењето на празниците на нашите заедници ја одржуваме традицијата на почитување на различните културни особености и заеднички се стремиме кон градењето посветла и просперитетна иднина за сите граѓани.
Свети Сава е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони на српската држава. Свети Сава е молитвен застапник на сите што преку него побарале помош, а со своето бесмртно дело и понатаму им е посредник на сите во неволја.
Тој е духовник на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост го креираат својот личен карактер, а со тоа и карактерот на својата заедница.
Во тој дух ја гледаме и постапката на искрено подадената рака на пријателство и солидарност на Република Србија со отстапените вакцини како прва помош за нашите граѓани додека во земјата не стигнат договорените количини. Ја користам оваа пригода уште еднаш да кажам благодарам што го помагате нашето јавно здравје.
Уште еднаш најсрдечно упатувам честитки по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија и нека бидат вечни името и славата на свети Сава, под чие духовно покровителство се одбележува денешниот ден“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.