Економија
(Видео) Заев најави бришење на каматите на долговите за сите граѓани

Премиерот Зоран Заев во попладневниот дел од дебатата на седницата во парламентот за пратенички прашања соопшти на што се планира да се однесува петтиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и стопанството.
„Мерките се структурирани како мерки кон граѓаните, мерки кон работниците, односно стопанството, и мерки кон сиромашните, па потоа се таргетирани категории што се директно најпогодени. Има размислување да им се помогне на сите граѓани. Мерката е да ги избришеме сите камати на долгови што граѓаните ги имаат кон државните и општинските институции, за долгови што се постари од три месеци, под услов да си го регулираат на 12 рати долгот што го имаат. Тоа значи за вода, за парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопанските претпријатија. Целта ни е не веднаш да го платат долгот, не можат веднаш, туку на 12 рати да склучат договори, но да ги избришеме комплетно каматите и со тоа да им олесниме. Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, што не може да ги наплатат и редовните сметки поради што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите што се за физички лица, за граѓаните што допираат до државните и општинските институции. Со законско решение тоа е можно“, рече премиерот Заев.
Тој оцени дека досегашните четири пакети економски мерки дале ефикасни резултати и дека ќе се продолжи со помошта кон најсиромашните и најави поддршка за економијата.
„Најмногу барања имаме за платата, 14.500 или 21.700, да продолжи, но дефинитивно постојат разни предуслови што ќе ги земеме предвид и ќе ги разгледаме во делот на платите. Ако помагаме за март, тој март треба да го споредиме со 2020 година, а тогаш беше почетокот на кризата, лани во април сите знаеме што се случуваше. 2021 година очекуваме да биде рестарт, завршување на пандемијата и да се вратат во профит самите компании, кога ќе се вратат, треба да модифицираме како да ги мотивираме во делот на нивната профитабилност, раст на обем на работа, нови работни места да отворат и слично и затоа ќе предложиме еден пакет преку Банката за поддршка на развојот, со грантова шема, да дадеме бескаматни кредити, каде што ќе поттикнеме да покажат позитивен успех на крајот на 2021 година. Тоа значи ако дадеме 10.000 евра грант, ќе продуцираме да покажат позитивен успех во 2021 за да мотивираме развој и во државата и тие да бидат дополнително мотивирани, ако покажат посилен успех, ќе дадеме грант од 20, 30, 40 % од самиот бескаматен кредит“, соопшти премиерот Заев.
Тој најави и помош во угостителската дејност, транспортот, на тутунарите, медиумите.
„Ги таргетираме хотелите надвор од туристичките места. Тие хотели што беа во туристичките места со ваучерите со картичките, со она што значеше 6.000 денари помош на граѓаните на сметка, беа помогнати и навистина туристичката сезона некако ја поминаа имајќи предвид дека сепак е пандемија за сите. Но, хотелите надвор од туристичките места, тоа е главниот град, во внатрешноста навистина беа затворени или минимум присутни, сакаме да дадеме грантови или одредени мерки иако дел од економските министри е да имаме мотивирачки мерки. За тутунот ќе имаме сигурно мерка оваа година и верувам дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, заменикот и неговиот тим навистина ќе креираат убав пакет како да помогнеме оти последици, меѓу другото, од Ковид-19 се и пониските откупни цени од последните три години. Тоа е нашиот народ, огромен број население живее од тоа и тука ќе имаме сигурно разработена мерка. Медиумите се директно погодени, плаќаат 49 милиони и 500 илјади сите 118 или 138 медиуми. Цел на Владата е, без да има било какви интеракции со медиумите, да помогне кај АВМУ, а АВМУ, ако може, да ги ослободи медиумите од таа концесија, тоа купче од 50 милиони денари за сите медиуми, да помогнеме. Ги разгледуваме можностите за терестеријалната такса што плаќаат кон АЕК, тоа е регулаторно тело, мора да се разговара да се види што може тука да се помогне“, дополни премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.